6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПредупредување на банкарите: Подгответе се за непредвидливи каматни стапки

Предупредување на банкарите: Подгответе се за непредвидливи каматни стапки

Инвеститорите треба да се подготват за подолг период на непредвидливи движења на каматните стапки и зголемен притисок во финансискиот сектор, предупреди Банката за меѓународни порамнувања (BIS).

„Не треба да се потцени можноста за одржување на инфлацијата на високо ниво, што би барало од големите централни банки, како што се американската ФЕД и Европската централна банка (ЕЦБ), да ги задржат каматните стапки на високо ниво“, велат од BIS.

„Очигледно се уште има одредени разлики меѓу перцепцијата на финансиските пазари и пораките на централните банки“, нагласи во кварталниот извештај Клаудио Борио, раководител на секторот за монетарна и економска политика.

Со години, централните банки беа предвидливи, намалувајќи ги каматните стапки во некои делови од светот на негативна територија во периодот на континуирани кризи, а потоа нагло ги зголемија во последните 18 месеци.

Денес, насоката на нивната монетарна политика веќе не може толку веродостојно да се предвиди, предупредува тој.

„Не треба да го отфрлиме ризикот инфлацијата да испадне поостра од очекуваното“, нагласува претставникот на BIS.

BIS предупредува дека компаниите и хипотекарните должници можеби нема да можат да ги исполнат своите обврски поради притисокот на повисоките трошоци за задолжување, што може да предизвика кредитни загуби на банките и другите заемодавачи.

И покрај знаците на стабилизација на некои пазари на недвижности ширум светот, кредитните загуби и во тој и во другите сектори ќе продолжат да предизвикуваат проблеми бидејќи економиите слабеат, процени Борио.

„Прашањето е колку финансискиот систем во целина ќе биде отпорен за да ги апсорбира овие загуби. А прашање е колку ќе бидат големи и упорни“, додаде тој.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП