Погубен и деструктивен за бизнисот и за стопанството во целата држава е Законот за данок за екстра оданочување, популистички наречен данок на солидарност. Покрај што во самото создавање на законот воопшто не беа земени во предвид забелешките на тие што треба да го плаќаат, вака како што е донесен ќе направи непоправлива штета за компаниите, велат од Сојузот на стопански комори на Македонија.
Законот пред сѐ се коси со начелата на бизнисот, со правата на инвеститорите и со исплатата на дивиденда. Трошоците за Данокот на „солидарност“ излегуваат надвор од деловните годишни планови, по затворање на фискалната година, распределбата на дивиденда, отсуствуваат од годишните инвестициски и развојни стратегии. Оној што малку се разбира во деловно и финансиско работење, знае колку погрешни се овие мерки и колку погубни резултати ќе има врз бизнисот, велат од ССК.

