Овие панели можат да произведат околу 8.000 kWh енергија годишно во Шведска која нема премногу сончеви денови.
Производителите на камиони се обидуваат да ја намалат потрошувачката на гориво и јаглеродот, а „Scania“ изгледа има оригинална идеја. Имено, производителот на камиони, во соработка со Универзитетот во Упсала во Шведска и уште неколку компании, одлучил да искористи голема површина која досега беше „празно платно“.
На камионската приколка се поставени соларни панели кои опфаќаат вкупно 100 квадратни метри и овозможуваат голема „жетва“ на енергија.
Во Шведска, овие панели можат да произведат околу 8.000 kWh енергија годишно. Тие полнат батерија од 200 kWh во приколката за влечење, како и батерија од 100 kWh во камионот, која во основа е plug-in хибрид.
Од „Scania“ не прецизираа но не е тешко да се претпостави дека системот е базиран на дизел мотор. Камионот и приколката моментално се подложени на тестирање, а проектот има за цел да утврди колку сончевата енергија ги намалува оперативните трошоци и емисиите.
Се проценува дека соларните панели би можеле да обезбедат до 5.000 километри годишно само на електрична енергија – во Шведска. Во посончевите региони, камионот може да се движи до 10.000 km на електрична енергија добиена само од сончевата енергија.