Преку трговската, финансиската и технолошката интеграција, глобализацијата во последните 4 децении придонесе за забрзан економски раст, а особено на помалку развиените економии, вклучително и земјите од Западен Балкан. Трговската интеграција на регионот со ЕУ значително се зголеми, а особено на нашата економија чија трговска интеграција достигна 158% од бруто домашниот производ, што е највисоко во Западниот Балкан и петто најголемо во регионот на Централна источна и југоисточна Европа. Оттука, од големо значење се ризиците за домашната економија кои произлегуваат од засилената гео-економска фрагментација во последните неколку години, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата „Геополитика, креирање политики и финансии“ во рамките на платформата за дискусија на јавни политики – Скопски економски и финансиски форум (СЕФФ), којашто се одржа под мотото „Европа – ДА, Европа – СЕГА”.
Гувернерката се осврна на придобивките од трговската и финансиска интеграција кои делуваат како катализатор за економски раст и конвергенција, преку прелевање на знаење, технологија, финансии. „Конвергенцијата на доходот во регионот и во нашиот случај во последните две децении во просек се зголеми за близу 20 п.п. од БДП, или речиси двојно. Сепак, јазот во доходот е се уште голем – нашиот доход е се уште само 40% од просекот на ЕУ. Доколку останеме на историската брзина на економски раст, ќе ни требаат околу 40 години за да се приближиме до просекот на ЕУ. Оттука, потребни се зајакнати структурни реформи во трите клучни сегменти за забрзан раст – продуктивноста, инвестициите/иновациите и образованието/работната сила, но и политики кои ќе овозможат соодветно справување со растечките геополитички ризици (пред се искористување на придобивките кои ги нудат новите трендови кај европските синџири на производство.“ – истакна Ангеловска-Бежоска.

