4 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАНаставната програма не е задолжителна, велат од Бирото за образование за прашалникот...

Наставната програма не е задолжителна, велат од Бирото за образование за прашалникот за хетеросексуалноста

Се работи за изготвен прирачник за наставници врз основа на наставна програма, кој не е задолжителен. Ваква е реакцијата на Бирото за развој на образование откога социјалните мрежи денес беа преплавени со извадоци од работни листови по програмата „Образование за животни вештини“, во кој се тестира хетеросексуалноста на учениците.

Од Бирото за образование објаснуваат дека наставната програма е донесена од министерот за образование и наука, а прирачникот е одобрен од директорот на Бирото за развој на образование и од министерот за образование и наука во 2011 година.

Се работи за наставната програма која не е задолжителна, односно наставниците во средните училишта имаат слобода да изберат кои содржини (и соодветно на тоа кои работни листови) ќе ги реализираат и во кој период од учебната година со цел да одговорат на потребите на адолесцентите. Таа, како што се објаснува, може да се реализира на часот на класната заедница со учениците од прва до четврта година во сите видови средно образование.

„Во програмите за средно образование (од прва до четврта година), во темата ‘Здраво живеење’, има разработено содржини, цели и активности, кои се однесуваат на сексуалното здравје. Со оглед на тоа дека прирачникот (како и работните листови) и наставната програма за образование за животни вештини се изработени пред една деценија, тие ќе бидат предмет на ревизија во наредниот период кога се планира реформа на средното образование во согласност со нов закон за средно образование“, велат од Бирото.

Се додава дека имајќи ја предвид брзината со која се шират сензационалистички и лажни вести на социјалните мрежи, повторно апелираат до граѓаните, а особено до родителите и младите, да ги земат со голема доза претпазливост и да ги проверуваат сите информации што се споделуваат во врска со образованието на младите, а кои не се официјално потврдени од надлежните институции.

„Макфакс“ претходно објави дека на социјалните мрежи се споделуваат контроверзни прашања од програмата „Образование за животни вештини“ за средно образование. Прашањата се наоѓаат во работните листови, во делот „Индентитети“, и се однесуваат на хетеросексуалноста и нејзиното преиспитување. Меѓу прашањата за средношколците има: Дали е можно вашата хетеросексуалност да е само фаза којашто ќе ја надминете?; Ако хетеросексуалноста е нормална, тогаш зошто толку многу хетеросексуалци се лица со ментални нарушувања?; како и: Најголемиот број лица што злоставуваат деца се хетеросексуалци. Дали сметате дека е безбедно вашето дете да го праќате на училиште каде повеќето наставници се хетеросексуалци?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП