Цените на нафтата денеска на меѓународните пазари останаа блиску до нивото од 91 долар, балансирајќи помеѓу најавите на Саудиска Арабија и Русија дека ќе ја намалат понудата до крајот на годината и знаците за забавување на кинеската економија.
На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше речиси непроменета во однос на крајот на тргувањето на крајот на минатата недела и изнесуваше 90,84 долари. Позначителни промени немаше ниту на американскиот пазар каде барелот се тргуваше по 87,49 долари.
Пазарите се балансираа минатата недела меѓу најавите на Саудиска Арабија и Русија дека ќе ја намалат понудата за вкупно 1,3 милиони барели дневно до крајот на годината и знаците за забавување на кинеската економија поради слабата странска и домашна побарувачка.
Во понеделникот расположението на пазарот го одбележаа и тешките последици од невремето во Либија, кое однесе 150 човечки животи и ги затвори извозните пристаништата на нафта Рас Лануф, Зуеитин, Брега и Ес Сидр.
Европа, од друга страна, планира само скромни работи за одржување на рафинериите, бидејќи компаниите се обидуваат да профитираат со високи маржи, што може да ја зголеми побарувачката за нафта. Во моментов, 40 отсто помалку капацитет е затворен од минатата година, според консултантската фирма Wood MacKenzie.
Смалени се проценките за растот на еврозоната
Во фокусот на трговците оваа недела ќе бидат податоците за инфлацијата во САД во август и седницата на Европската централна банка (ЕЦБ). И американската ФЕД и ЕЦБ нагло ги зголемија каматните стапки од минатото лето за да ја ограничат инфлацијата, која го попречи економскиот раст.
Во денешните објавени прогнози, Европската комисија ги намали проценките за растот на еврозоната оваа и следната година.
Трговците, исто така, внимателно ќе ги разгледаат новите месечни извештаи од Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) и Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК).
Во август, ИЕА ја намали својата проценка за растот на побарувачката на нафта во 2024 година на 1 милион барели дневно поради нестабилната економија, а ОПЕК потврди дека таа треба да расте за 2,25 милиони барели дневно.
ОПЕК денеска одделно објави дека цената на барел од нафтената кошничка на нејзините членки минатиот петок била стабилна и изнесувала 92,84 долари.