29 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБрисел ја намали прогнозата за раст на еврозоната за 2023 и 2024...

Брисел ја намали прогнозата за раст на еврозоната за 2023 и 2024 година

Европската комисија ги намали прогнозите за економски раст за еврозоната во 2023 и 2024 година за 0,3 процентни поени, на 0,8 отсто и 1,3 отсто, соодветно, особено поради тешкотиите во Германија и нејзината индустрија.

Се очекува 20-те земји кои го користат еврото да забележат раст од 0,8 отсто оваа година наместо прогнозата од 1,1 отсто во извештајот во мај, соопшти Европската комисија. За следната година очекувањата се намалени на 1,3 отсто од 1,6 отсто.

Инфлацијата продолжува да забавува. Брисел сега смета на просечен раст на потрошувачките цени од 5,6 отсто во 2023 година, што е за 0,2 поени помалку во однос на последната прогноза во мај и раст од 2,9 отсто во 2024 година, односно 0,1 отсто повеќе од предвиденото во мај, се вели во соопштението.

„Слабоста на домашната побарувачка, особено потрошувачката, покажува дека високите потрошувачки цени, кои продолжуваат да растат за повеќето стоки и услуги, вршат поголем притисок од очекуваното“, се наведува во соопштението на Комисијата.

Европскиот економски комесар Паоло Џентилони на прес-конференција рече дека „се очекува дополнително слабеење во наредните месеци“ кога економијата ќе се соочи со повеќе предизвици.

Клучниот извор на слабост на европската економија е Германија, чија економија е погодена од повисоките цени на енергијата и слабата побарувачка во Кина, важен трговски партнер.

Комисијата предвидува дека германската економија годинава ќе забележи пад од 0,4 отсто. Според Меѓународниот монетарен фонд, Германија е единствената голема економија која се очекува да забележи пад оваа година и предвидува пад од 0,3 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП