Шумските пожари ја чинеа Европа штета од 4,1 милијарди евра од почетокот на годината, а екстремните горештини продолжуваат низ Медитеранот од Грција до Шпанија.
Речиси 400.000 хектари земјиште на континентот се уништени од катастрофата, се вели во извештајот на дистрибутивната компанија на компоненти за енергетскиот сектор – вклучително и сензори за предупредување за шумски пожари, „Distrelec“. Студијата се заснова на податоци од Европскиот информативен систем за шумски пожари, пренесува „Bloomberg“.
Најголема штета досега претрпе Грција, со трошоци од 1,66 милијарди евра и над 161.000 хектари уништено земјиште до 30-ти август. Земјата стана жртва на најразорните шумски пожари во последните 16 години. Таа е во состојба на готовност по последните пожари, кои избувнаа на 19 август, во кои загинаа 19 лица.
Веднаш следи Шпанија со опожарени околу 84.315 хектари со штети од 871 милион евра, а потоа следуваат Италија и Португалија.
Проценките на економската штета вклучуваат трошоци за пожарникарите, пошумување, штети и чистење, се вели во извештајот.
Пожарите предизвикани од климатските промени ги зафатија и другите делови од светот – погодија сектори од земјоделството до туризмот.
Јули беше официјално најтоплиот месец досега, а Европа, како и многу други делови од светот, претрпе многу над нормалните температури за овој период од годината.