3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНекој сади домати и краставици, а некој маслинки – колку се исплати...

Некој сади домати и краставици, а некој маслинки – колку се исплати овој бизнис во Македонија?

Расте интересот за садење и за одгледување маслинки во земјава, а особено интересот за ваков вид бизнис најдолго се задржува кај младите луѓе.

Овој агробизнис најчесто се сретнува во јужните делови на Македонија, каде што климата е поинаква и каде што за време на зимите нема двоцифрени минусни температури.

Денар разговараше со жител на Богданци, кој веќе 15 години се занимава со одгледување маслинки.

-Имам околу 300 садници со маслинки и засега добро ми оди, задоволен сум од резултатите. Од маслинките вадам добар приход за мене и за моето семејство. Најголемиот дел од маслинките ги давам за извоз, а правам и маслиново масло кое исто така го продавам. Маслиновото земјоделство е традиционална активност во овој крај на Македонија и јас сум горд поради тоа што ја продолжувам традицијата. Сакам да им се заблагодарам на Општина Богданци и на градоначалникот за нивната поддршка и стимулација за развојот на маслиновото земјоделство – објаснува нашиот соговорник.

Земјоделецот посочува дека маслиновата градина му е распостелена на земјиште од 1 хектар.

-Засега ми е доволно, имам околу 300 садници. Повеќе не ни можам да си дозволам, бидејќи знам дека нема да можам да постигнам. Во својата полна родност, едно дрво дава по 40 килограми маслинки, но ќе потенцирам дека многу важна работа е прихранувањето, соодветното одгледување на садниците и агротехничките мерки – појаснува тој.

Маслинкарот им дава бесплатен совет на сите млади кои сакаат да засадат маслинки, порачувајќи им дека ова е макотрпна работа, дека треба да поседуваат знаење, да имаат трпение, бидејќи дрвцата раѓаат дури по 4 години од садењето.

-Ќе се обидам колку што е можно поедноставно да ви ја пренесам процедурата за започнување ваков бизнис. Значи, процедурата за креирање нова фарма за маслинки зависи од неколку фактори како што се локацијата и големината на фармата, како и законските и административните регулативи. Најпрво, изберете локација, но имајте предвид дека маслинките најдобро растат на подрачја со средоземна клима, со доволно сончева светлина и со топли температури. Почвата треба да биде плодна, добро дренирана и со неутрална или со слабо акрилна реакција. Избегнување подрачја со премногу ветер, студ и мраз. Одберете го видот на маслинките што сакате да го одгледувате. Постојат различни видови како каламата, лебанка, арабика, коронеки, пиколина и други. Набавете квалитетни садници и подгответе ја почвата за садење. Обезбедете го наводнувањето, заштитата и одржувањето на фармата. Маслинките бараат редовно и умерено наводнување, особено во сувиот летен период. Најдобро би било да инсталирате систем капка по капка. И последно, берете ги плодовите во вистинско време – објаснува маслинкарот.

Шпанија и Италија се најголемите произведувачи на маслинки во светот, а зад нив следуваат Турција, Грција, Тунис и Сирија.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП