3 мај, 2024
ПочетнаТЕХНОЛОГИЈАФизичар од Харвард пронашол чудни топки во океанот: „Не се од Сончевиот...

Физичар од Харвард пронашол чудни топки во океанот: „Не се од Сончевиот систем“

Астрофизичар од Универзитетот Харвард, Ави Лоеб, кој со години истражува дали постои развиена форма на вонземски живот на други планети, пронашол стотици метални топки на морското дно, кои се чини дека не потекнуваат од нашиот Сончев систем. Доколку ова откритие се потврди, тоа ќе биде првпат луѓето да дојдат во контакт, односно да држат и проучуваат објект кој пристигнал од меѓуѕвездениот простор.

Лоеб и неговите колеги ги пронајдоа овие необични сферули во Тихиот Океан во близина на Папуа Нова Гвинеја, а потрагата по нив беше започната откако метеорот CNEOS 2014-01-08 (IM1) се распадна над областа во 2014 година, кој имаше многу необична брзина и затоа го привлече вниманието на научниците.

Со оглед на тоа што сателитите на американската влада го следеа додека не се распадна, Лоеб ја знаеше приближната локација на неговиот пад и во јуни оваа година започна експедиција насочена кон пронаоѓање на остатоците од IM1.

„Можеби тоа е некој вид вонземска технологија“

Иако ова е потенцијално големо откритие, научната заедница останува малку скептична, особено затоа што експедицијата беше предводена од Лоеб, познат по неговата потрага по интелигентен вонземски живот. Имено, Лоеб во 2021 година го основал проектот Галилео, чија мисија е да бара знаци на вонземска технологија.

Дополнително, Лоеб во своето истражување споменува дека високата содржина на ураниум во пронајдените топчиња може да биде показател дека станува збор за некаква вонземска технологија. Планетарниот научник Моника Грејди од Отворениот универзитет во Велика Британија го коментираше откривањето на сферулите во јули, пред објавувањето на прелиминарните резултати од анализата, и рече дека тврдењето за тоа дека станува збор за вонземски топки бара многу посилни докази.

„Каков е нивниот состав? Колку години имаат? Можеме ли да ги исклучиме загадувачите од Земјата? Можеме ли да исклучиме фрагменти од вонземски материјал од Сончевиот систем? Најубедлив доказ би бил да се измери староста на сферулите. Ако се постари отколку Сонцето, тоа би значело дека тие доаѓаат од меѓуѕвездениот простор“, напиша Грејди.

„Знаеме дека метеоритите од нашиот Сончев систем содржат железо и никел. Сферулите очигледно содржат „незначителни“ количества никел, што покажува дека тие речиси сигурно не потекнуваат од метеори во Сончевиот систем. Сепак, ова не докажува дека сферулите доаѓаат од меѓуѕвездениот простор, само ја зголемува веројатноста дека се работи за загадувачи од Земјата“, додава тој.

Резултати од прелиминарна анализа на необичните сферули

Прелиминарната анализа на 57 минерални објекти сугерира дека барем некои од нив не припаѓаат на метеори во Сончевиот систем во однос на нивниот хемиски состав. „Ова е историско откритие. За прв пат луѓето држат во своите раце материјал кој доаѓа од голем меѓуѕвезден објект. Исклучително сум задоволен од овие резултати“, изјави американскиот бизнисмен Чарлс Хоскинсон, кој помогна во финансирањето на експедицијата на Лоеб, како што објавија од Science Alert.

Имено, како што објави Харвард, ситните топчиња (до 1 милиметар во дијаметар) содржат екстремно големи количини на берилиум, лантан и ураниум, што е досега невидена „BeLaU“ состав. Сферулите исто така содржат сооднос на изотоп на железо кои не се наоѓаат на Земјата, Месечината и Марс, што укажува на меѓуѕвездено потекло.

Овде можете да го прочитате истражувањето наречено Откривање на сферули со веројатен екстрасоларен состав во Тихиот Океан на CNEOS 2014-01-08 (IM1) Bolide, кое сè уште не поминало независна рецензија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП