1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВработувањата во САД благо се забрзаа минатиот месец

Вработувањата во САД благо се забрзаа минатиот месец

Вработувањата во САД благо се зголемија во август, но сепак заостанува зад просекот во претходните 12 месеци, покажа денеска извештајот на Министерството за труд.

Во август беа отворени 187 илјади нето нови работни места во најголемата светска економија, по ревидираните 157 илјади во јули и 105 илјади во јуни.

Новите податоци покажуваат дека во јуни и јули се отворени 110.000 работни места помалку отколку што покажуваа претходните проценки на министерството.

Проценката за август е пониска од месечниот просек во претходните 12 месеци, кој изнесуваше 271 илјада нововработени.

Во месецот кој штотуку заврши, најмногу нови работни места беа отворени во секторите здравствени услуги, рекреативни активности и угостителство. Намален е бројот на вработени во секторите транспорт и складирање.

Стапката на невработеност е зголемена за 0,3 процентни поени во однос на јули и изнесува 3,8 отсто, што одразува зголемување на бројот на невработени за 514 илјади, на 6,4 милиони.

Така, состојбата не е значително променета во однос на минатиот август, кога стапката на невработеност беше 3,7 отсто, со шест милиони граѓани без работа, велат од министерството.

Просечната саатница е зголемена за 0,2 отсто во однос на јули, на 33,82 долари. Во однос на истиот месец лани е зголемена за 4,3 отсто.

Податоците од август покажуваат мало забавување на растот на платите, бидејќи во јули тие се зголемени за 0,4 отсто на месечно ниво, а за 4,4 отсто на годишно ниво.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП