3 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАВнимавајте кога купувате лимони – ги сечете, а внатре суви!

Внимавајте кога купувате лимони – ги сечете, а внатре суви!

Еден лимон не е доволен за да си го подобрите вкусот на чајот, а не, пак, за да си направите лимонада, реагираат граѓаните на социјалните мрежи, жалејќи се на квалитетот на лимоните што се продаваат во супермаркетите и на пазарите.

Како што посочуваат, лимоните сè уште држат висока цена, а внатре се суви или полусуви.

-Еден килограм лимони на пазар се продава за 80 денари, а во супермаркетите е уште поскапо. Секој месец редовно купуваме по 3-4 килограми, бидејќи имаме семејна навика постојано да пиеме лимонада наместо газирани сокови. Но, последниот пат кога купивме, забележавме дека лимоните се суви и дека не даваат доволно сок. Мислевме дака така се погодила баш таа пратка, бидејќи знаеме дека се увезени, но сопругот повторно купи лимони од друго место, но и тие беа полусуви. Ако од 3 килограми лимони обично цедиме околу еден литар сок, овојпат едвај добивме 400 милилитри. Нешто не е во ред, нешто чудно се случува со лимоните – напиша извесна Весна на социјалната мрежа Фејсбук.

На оваа тема разговаравме и со пазарџии на чија тезга беа наредени лимони за продажба.

-Точно е, многу луѓе ни се жалат дека лимоните немаат квалитет, но ние не сме виновни, бидејќи не сме внатре во лимоните за да знаеме однапред за каков плод се работи. Ние ги препродаваме лимоните и најчесто ги набавуваме од кванташки пазар. Како што ќе ни ги продадат, така ги препродаваме. Но, за овие лимони што сега ги гледате на тезгава, гарантирам за квалитетот. Еве, дојдете, ќе пресечеме неколку за да се уверите дека се сочни – ни изјави пазарџија на пазарот во Ѓорче Петров.

Денар направи мало истражување и дознавме дека во моментов во целиот свет владее болест која ги зафаќа лимоните, а тоа заболување се нарекува „цитрусно позеленување“.

Станува збор за болест предизвикана од инсекти кои го цицаат сокот од лимоните, како и од портокалите.

Заболените дрвја сега раѓаат помалку плодови, понизок е квалитетот на лимоните и на крајот се сушат целите стебла.

Минатата година, американското Министерство за земјоделство предвиде дека годинава се очекува намалување на производството на лимони и на портокали за цели 50 проценти за разлика од ланската сезона, а ова претставува најмала произведена количина на лимони на глобално ниво сметајќи од 1936 година.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП