28 април, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАВозачите уринираат кај ќе стигнат – зошто нема јавни тоалети на македонските...

Возачите уринираат кај ќе стигнат – зошто нема јавни тоалети на македонските автопати?!

Колку пати сте забележале паркиран автомобил покрај автопат, а возачот излезен надвор и уринира во грмушките покрај коловозот?!

За жал, ова е честа слика на територијата на Македонија, а немањето јавни тоалети на автопатите очигледно претставува многу поголем проблем од тоа колку смешно звучи.

Тоалети на македонските автопати има само во склоп на бензинските пумпи, но тие се приватни тоалети и честопати знаат да бидат заклучени – едноставно, така си решиле вработените.

И српските туристи кои транзитираат низ Македонија забележуваат дека нема јавни ниту монтажни тоалети од ГП „Табановце“, па сè до ГП „Богородица“, па се жалат дека немаат можност да ги извршат своите хигиенски потреби додека патуваат.

– Никаде нема тоалети покрај автопат, овде како да застанало времето. Патувавме од Белград до Солун, а пред да влеземе во Македонија нè посоветуваа да појдеме во тоалет на бензинската станица пред границата оти после немало да има каде да одиме во тоалет. И навистина, нема ни монтажен ни јавен тоалет покрај автопатот во Македонија. Застанавме на една бензинска станица, ама таму тоалетот беше заклучен поради наводно реновирање. Еден повозрасен човек од автобусот не можеше да издржи, па го замоли возачот да го запре автобусот покрај автопатот за да може да се олесни во грмушките. Цел автобус го гледаше човекот како уринира во тревата, но немаше друго решене. Фалеше уште аплауз да му дадевме кога ја заврши работата – раскажува туристка од Србија.

Неофицијално, од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека не се задолжени да градат и да вложуваат во јавни тоалети покрај автопат, бидејќи, како што брифираат оттаму, не постои законска регулатива поврзана со ова прашање.

Денар го „прелиста“ Законот за јавни патишта и таму навистина не постои ниту една одредба која се однесува на јавни тоалети, како и за обврската за нивно поставување и одржување на автопатите.

Единственото нешто што го најдовме таму е членот во кој се вели дека е дозволено да се градат објекти кои треба да им служат на потребите на возилата и на патниците, како и придружни објекти како што се тоалетите и туш-кабините, но нема подетално објаснување на стандардите за нивно поставување.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП