12 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБројот на банкроти во ЕУ во вториот квартал најголем од 2015 година

Бројот на банкроти во ЕУ во вториот квартал најголем од 2015 година

Шести квартал по ред расте бројот на компании под стечај во земјите од Европската унија, а во вториот квартал од годинава прогласени се најмногу банкротства од почетокот на собирањето податоци во 2015 година, соопшти Европската агенција за статистика.

Евростат објави дека на ниво на ЕУ во вториот квартал, 8,4 отсто повеќе компании прогласиле банкрот во однос на првиот квартал.

Најголем раст на бројот на компании кои банкротирале во вториот квартал е забележан во Унгарија (40,8 отсто), Летонија (24,8 отсто) и Естонија (24,6 отсто).

Од друга страна, Кипар (48,5 отсто помалку), Хрватска (23,6 отсто) и Данска (15,9 отсто) имаат најголемо намалување на бројот на банкротирани компании.

Поголем број стечаи се забележани во сите сектори на економијата, при што најголем раст има во секторите сместување и угостителство (23,9 отсто), транспорт и складирање (15,2 отсто) и образование, здравство и социјални дејности (10,1 отсто).

Споредено со предпандемискиот четврти квартал од 2019 година, бројот на стечајци во вториот квартал од 2023 година е поголем во повеќето сектори, а најголем раст е забележан и кај сместувањето и угостителството (82,5 отсто) и транспортот и складирањето (56,7 отсто).

Помал број фирми банкротирале во однос на последните три месеци од 2019 година само во два сектора – индустрија (11,5 отсто помалку) и градежништво (2,7 отсто).

Бројот на новоотворени бизниси во вториот квартал е благо намален за 0,6 отсто во однос на првите три месеци од годинава, кога е забележан раст од 2 отсто.

Во Полска, Бугарија и Данска најмногу е намалена регистрацијата на нови компании, а најголем раст е забележан во Ирска, Словачка и Германија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП