2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИмаме нешто против Кинезите или само не сакаме пари од туризам?

Имаме нешто против Кинезите или само не сакаме пари од туризам?

И покрај тоа што Кина повторно официјално ја вклучи Македонија во групата земји во кои можат да патуваат на организирани кинески туристички групи, сепак, како што стојат работите, очигледно ќе треба да помине уште некое време за повторно да видиме кинески туристи како се шетаат и се фотографираат на скопскиот плоштад, во чаршијата во Охрид…

Причина поради која туристите од Кина сѐ почесто одлучуваат да ја заобиколат Македонија за време на своето патување е повеќе од нелогична, па дури и бизарна.

Имено, како што објаснуваат туристичките работници со коишто разговараше Денар, проблемот е во претешката процедура за вадење визи, бидејќи кинеските туристи не можат да стапнат на македонска територија само со приложување на пасошот, туку потребен им е специјален документ.

-Се соочуваме со огромен административен проблем кој се издигнува пред нас како планина. Кинезите се познати по многубројноста, по кроткоста, по желбата за патување низ светот, а нашата земја е една од ретките во регионот која не им овозможува лесен пристап на овие туристи. Кинезите патуваат во големи групи и трошат многу пари каде и да одат, бидејќи се љубопитен народ и не жалат пари за да ја искусат туѓата култура. Но, ние упорно им го вртиме грбот и свесно ги бркаме. Веќе со години се обидуваме да им докажеме на властите дека постои потреба да се отстрани визниот режим за Кинезите, ама никој не слуша. Минатата недела се појави информација дека кинеското Министерство за култура и туризам го укинало ограничувањето за организирани туристички патувања за уште 78 земји, вклучително и Македонија, воведени за време на пандемијата со коронавирусот. Но, ние немаме буквално никаков бенефит од ваквиот потег. Хотелите кај нас повторно ќе зјаат празни, а истото важи и за рестораните, кафулињата, музеите. Властите во земјава како да не можат да разберат колку е важно да ја отворите вратата на една од најголемите туристички популации во светот – велат туристичките работници.

Но, за разлика од нас, Србите, Албанците, Хрватите, Словенците и Црногорците веќе одамна изнајдоа решенија за визно олеснување или целосно укинување на визите за туристите од Кина и од други земји, па со тоа овозможија голем број Кинези да патуваат преку балканските тури.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП