2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКупуваат клима-уреди како да не виделе – продажбата е турбо!

Купуваат клима-уреди како да не виделе – продажбата е турбо!

Жештините во јули како да ги изненадија граѓаните, исто како што снегот во февруари секоја година ги изненадува градските власти.

Вака, на шега, ни тргна муабетот со вработените во една позната продавница за бела техника во Скопје, откако ги прашавме како оди продажбата на клима-уредите и не сѐ она што припаѓа во категоријата – ладење и разладување.

Тие велат дека секој ден е врвулица од муштерии и признаа дека само во месец јули продале повеќе клима уреди отколку што продале во текот на целата година.

-Баш вчера нѐ повикаа шефовите на колегиум и ни соопштија дека продажбата на клима-уреди во јули била за 40 отсто поголема во однос на продажбата во јуни. Значи, многу клими имаме продадено, се трошат како леб и јогурт во продавница. Луѓето најверојатно си мислеле дека летото нема да биде толку жешко поради тоа што зимата не беше екстремно студена, но очигледно се излажаа. Ќе им прижешти и веднаш трчаат кај нас по клима. А толку многу вакви уреди продадовме што во еден момент се оставивме без залиха. Верувајте, муштерии си резервираа клима уред и „се тепаа“ кој прв нарачал и кому попрво да му стигне климата – раскажува нашиот соговорник.

Тој вели дека и цените оваа година се поприлично повисоки во споредба со ланските.

-Добра, проверена и квалитетна клима чини околу 35.000 денари, но има и клими од 20.000 денари, а има и од 60.000 денари. Најевтината клима во моментов чини 20.000 денари, а истата таа клима лани ја продававме за 18.000 денари. Онаа што јас најчесто им ја нудам на муштериите, а и самиот си ја купив за себе, сега чини 34.000 денари, а лани истата таа клима чинеше 31.000 денари. Поскапени се сите продукти, но тоа не е до нас, туку пазарот ја диктира цената. Доаѓаат луѓе со помалку пари и кои не можат да си дозволат клима, па им нудиме преносни клима уреди кои се наоѓаат и за 15.000 денари. Секако, во игра се и вентилаторите кои чинат од 1.000 денари, па сѐ до 9.000 денари – објаснува соговорникот.

Високите температури ја зголемија и потрошувачката на струја, па така ЕВН Македонија на 17 јули регистрираше најголемата бројка за изминатите 30 дена.

Имено, од 17 јуни до 17 јули вкупно биле потрошени 405.028 мегават-часа електрична енергија, што се должело на високите температури во овој период.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП