3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАMoody's го намали рејтингот на помалите американски банки

Moody’s го намали рејтингот на помалите американски банки

Рејтинг агенцијата Moody’s го намали кредитниот рејтинг на неколку мали и средни американски банки и најави дека може да го намали рејтингот на некои од најголемите банки во земјата, предупредувајќи дека кредитната сила на банкарскиот сектор најверојатно ќе биде тестирана со ризици за финансирање и послаба профитабилност.

Moody’s го намали рејтингот на десет банки за по еден степен, а шест големи банки стави под ревизија за потенцијално намалување на рејтингот. Меѓу нив се Bank of New York Mellon, US Bancorp, State Street и Trust Financial, пренесува Мина.

„Резултатите на многу банки во вториот квартал покажаа зголемени притисоци врз профитабилноста што ќе ја намали нивната способност за генерирање внатрешен капитал“, велат од Мудис. Агенцијата оценува дека зголемената изложеност на комерцијални недвижности (CRE) е клучен ризик поради високите каматни стапки, падот на побарувачката за канцеларии поради далечинската работа и намалената достапност на CRE заемите.

Moody’s ја промени својата перспектива во негативна за 11 големи кредитори, вклучувајќи ги Capital One, Citizens Financial и Fifth Third Bancorp. Колапсот на Silicon Valley Bank и Signature Bank претходно оваа година предизвика криза на доверба во американскиот банкарски сектор, што доведе до одлив на депозити во голем број регионални банки и покрај тоа што властите започнаа итни мерки за зајакнување на довербата.

Сепак, Moody’s предупреди дека банките со значителни нереализирани загуби кои не се рефлектираат во нивните регулаторни стапки на капитал се ранливи на губење на довербата во тековното опкружување со високи каматни стапки. Сеопфатниот извештај доаѓа во време на заострување на монетарните услови по најбрзото зголемување на стапката на ФЕД досега.

Повисоките стапки, исто така, ја зголемија можноста за рецесија и извршија притисок врз секторите како што се недвижностите да се прилагодат на постпандемиската реалност.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП