2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНаплаќаат по 3.000 денари за нешто што не вреди ни 500 –...

Наплаќаат по 3.000 денари за нешто што не вреди ни 500 – еве на кој начин климаџиите ги мамат граѓаните

Ако не му стоите над глава на мајсторот додека ви ја поправа климата во домот, или, пак, воопшто не се разбирате од какви било поправки кои подразбираат користење клешти, чекан или шрафцигер, тогаш бидете подготвени барем еднаш во животот да бидете измамени и да фрлите еден куп пари за нешто што во реалноста не чини ни 200 денари.

Денар разговараше со климаџија-чирак кој неодамна одлучил да даде отказ од своето работно место само затоа што работодавачот го приморувал за најразлични ситни поправки во куќите и становите на граѓаните да наплаќа повеќе пари од потребното.

Станува збор за Дарко М, 27-годишно момче од Скопје, кој сега е „сам свој газда“, работи успешно како климаџија, а открива и на што треба најмногу да обратиме внимание кога станува збор за сервисирање на клима-уредот, бидејќи, како што потенцира, токму со климите најмногу се лаже и се краде.

-Не можев повеќе да издржам со лажење и со мамење, се плашев дека Господ ќе ме казни. Не сум јас за такви работи. Јас сакам чесно да си го заработувам лебот и сакам муштериите да бидат задоволни од мојата работа. Мојот претходен газда ме тераше буквално да ги лажам во очи луѓето и да ги убедувам да платат огромни пари за нешто што реално не треба ни да им го наплатиме. Затоа одлучив да дадам отказ и да започнам мој бизнис. Имам некакво искуство и засега добро ми оди. Имам помош и од татко ми и од брат ми – раскажува Дарко.

Во продолжение, тој дели совети кон граѓаните како да не бидат измамени од лукавите мајстори:

Дополнување фреон во климата

Како што објаснува мајсторот, дополнувањето фреон во клима-уредот е всушност една голема заблуда во којашто веруваат луѓето.

-Фреонот не испарува сам по себе, освен ако постојат некакви оштетувања кои треба да се санираат. Фреонот само циркулира и не исчезнува. Има многу климаџии кои дополнуваат фреон во клима-уредите и на сопствениците им велат дека некаде капе фреонот и дека полнењето ќе ги чини дополнителни 1.000 денари. Ако така ви се обрати мајсторот, треба да знаете дека ве лаже и сака да ви ги лапне парите – објаснува тој.

Промена на кондензатор

Нашиот соговорник вели дека особено внимание треба да се обрати и на замената на кондензаторот кај клима-уредот.

-Самиот тој кондензатор служи за испумпување гас преку компресорот, а реалната цена за негова промена изнесува едвај 500 денари. Но, климаџиите кажуваат цени „од ракав“, особено ако забележат дека муштеријата има пари и дека не се разбира во овие работи – вели Михајловски.

Голем сервис или сепак не?

Ако клима-уредот не е одржуван редовно, тогаш секако е неопходен голем сервис, но голем број мајстори наплаќаат за голем сервис, а всушност прават мал сервис.

-Еден голем сервис обично чини околу 5.000 денари, а процедурата е слична како основното чистење на климата, само што овојпат подетално се чистат некои делови од уредот. Проблемот е во тоа што многу мајстори наплаќаат по 5.000 денари за голем сервис, а всушност прават само мало чистење кое можете да го направите и самите вие – објаснува Михајловски.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП