Заради јакнење на финансиската писменост на населението од сите старосни категории и профили, Народната банка презема иницијативи и активности на повеќе полиња. Меѓу нив е и поддршката преку подготовка на нашите ученици претставници на Меѓународната економска олимпијада, од кои ученикот Давид Ставров освои бронзен медал. Меѓународната економска олимпијада e престижен меѓународен натпревар по економија за учениците од средните училишта, којшто се одржува од 2018 година наваму, а годинава се одржа од 25 јули до 2 август 2023 година во Грција. Целта на овој настан е преку натпревар да се зајакнат знаењата на учениците од областа на економијата, а воедно да се поттикне и натпреварувачкиот дух и меѓународното поврзување на младите.
Наши претставници на овогодишната олимпијада, покрај Ставров, кој е ученик во IV година во ПСУ „Алгоритам“, Скопје, се и Стефанија Кузмановска, III година во Математичко-информатичката гимназија, Скопје; Рина Толева, IV година во СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“, Скопје и Давид Арсовски, IV година во СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“, Скопје. Овие ученици освоија најдобри резултати на Државната економска олимпијада, којашто се одржа на 31 мај 2023 година, наменета за поттикнување и продлабочување на знаењата кај младите од областа на економијата, финансиите, бизнисот и примената на математичките модели во економијата.

