28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБидете внимателни кога вадите пари од банкомат во странство – што ако...

Бидете внимателни кога вадите пари од банкомат во странство – што ако ви ја „голтне“ картичката, а вие сте далеку од дома?

Секогаш пред да тргнете на патување во странство сигурно се запрашувате дали е подобро и побезбедно да носите готовина со вас или секаде да плаќате со картичка?!

Банкарските експерти ги советуваат граѓаните да бидат внимателни кога ги користат картичките во странство, особено кога подигнуваат готовина од банкомат, бидејќи провизијата е прилично голема.

Но, како што велат, граѓаните треба да бидат внимателни и со готовината, бидејќи постои опасност да бидат ограбени и да се најдат во многу непријатна ситуација.

Во однос на картичките, експертите велат дека ваквиот тип плаќање треба да се одвива само во продавниците каде што има ПОС терминал.

-Кога ја користиме картичката, најпрво треба да видиме дали постојат лепенки кои означуваат одредена марка на картичка. Исто така, треба да провериме дали продавницата ја прима нашата картичка. Ако веќе сте принудени да подигнете готовина од банкомат, тогаш треба да знаете дека се наплаќа провизија која е поголема за кредитната картичка отколку за дебитната. Обично провизијата изнесува од 1 до 3 проценти од сумата што ја подигнувате од банкоматот, но често наместо провизија постојат и фиксни давачки кои изнесуваат од 3 до 5 евра по трансакција. За истата услуга на шалтер во банка во странство се наплаќа провизија од 3 до 5 отсто, односно од 3 до 5 евра по трансакција. Секако, овој износ варира од банка до банка – објаснува банкарскиот експерт.

Тој додава дека корисен совет е претходно да си пресметате колкава готовина ќе ви биде потребна во текот на целото патување во странство, бидејќи на тој начин ќе заштедите на провизијата ако таа се плаќа по трансакција.

-На пример, ако подигнете 5 пати по 20 евра и ако провизијата е 2 евра по трансакција, тоа значи дека ќе платите вкупно 10 евра за сите трансакции. Од друга страна, ако подигнете еднаш 100 евра од банкомат, тогаш ќе платите само 2 евра провизија. Во однос на безбедноста, веројатно не треба ни да спомнувам дека ПИН кодот на картичката треба да го знаете само вие и да не го споделувате со други луѓе – посочува експертот.

На прашањето што треба да сторите ако банкоматот во странство ја „голтне“ вашата картичка, како што тоа често се случува и кај банкоматите во Македонија, нашиот соговорник вели дека прво и најважно е да не паничиме.

-Треба да сфатите дека за сѐ има решение, но и дека и банкоматот во Грција, Италија, Америка или во Австралија е направен од електроника и дека тој има право да погреши. Може да ви се случи банкоматот да ви ја „голтне“ картичката, а во таков случај вие треба веднаш да се јавите во матичната банка во Македонија, да им објасните на колегите што се случило и да ги чекате нивните инструкции. И пак ќе повторам: без паника! – советува банкарот.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП