2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБугарските туристи ја избегнуваат Македонија – политиката си го направи своето?

Бугарските туристи ја избегнуваат Македонија – политиката си го направи своето?

Туристичкиот сектор во земјава полека си го враќа нивото што го имаше достигнато пред пандемијата со коронавирусот, а за добрите резултати најдобро говорат најновите податоци за јуни и за јули годинава.

Сместувачките капацитети, особено во Охрид и во Струга, се преполни и престојот на странските туристи во земјава е сѐ поголем, а добро е да се знае и дека дневната потрошувачка на странските туристи во Македонија изнесува од 80 до 95 долари.

Првиот човек на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски, неодамна изјави дека девизниот прилив е значително зголемен, па ако остане ваква состојбата, тогаш ќе ги постигнеме предвидените 530 милиони долари промет за 2023 година.

Интересен факт во врска со туризмот во Македонија што го спомна Јаневски е дека оваа година е драстично намален бројот на бугарски туристи во земјава, поради тоа што, како што искоментира, „политиката си го направи своето“.

-Бугарските туристи во земјава беа во топ 5 туристи што во најголем број ја посетуваа Македонија до 2019 година. Сега оваа слика е променета, особено оваа сезона кога бројот на бугарски туристи е сѐ помал и помал – искоментира Јаневски.

Тој посочи дека многу лесно ќе се надоместат ноќевањата што нема да ги реализираат бугарските туристи ова лето.

-Нашата цел е во 2025 година да оствариме и да реализираме 3,7 милиони ноќевања и 600 милиони долари промет. Оваа година ќе треба да надоместиме околу 100.000 ноќевања што нема да ги реализираат Бугарите, но минусот секако дека ќе се амортизира со зголемениот број туристи од Хрватска, Србија, Романија, Турција и Словенија – објасни Јаневски.

Денар разговараше и со хотелиери од Охрид, кои исто така забележале дека се намалил бројот на бугарски туристи.

-Во изминатите години, особено пред короната, имавме туристи од Бугарија кои најчесто го посетуваа градот Охрид. Но, како што изминуваат годините и како што се заострува политиката помеѓу двете земји, така се намалува и бројот на туристи од Бугарија во Македонија – вели сопственик на хотел на брегот на Охридското Езеро.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП