Пандемијата и периодот по неа донесоа бројни предизвици, но банкарскиот сектор ја задржа и дополнително ја зајакна стабилноста во работењето. Во согласност со најновите податоци, ликвидноста на банките е на задоволително ниво, солвентноста бележи подобрување и е највисока во последните шеснаесетина години, додека квалитетот на кредитното портфолио се задржа, со ниска стапка на нефункционални кредити. Ова беше истакнато на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерите, Ана Митреска и Фадил Бајрами, со новиот шеф за економски прашања во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во земјава, Дејвид Мајерс, и Јордан Дамчевски, виш економист во Амбасадата.
Значаен придонес во ова имаше Народната банка преку успешно спроведување на регулативната рамка и носење политики и макропрудентни мерки со кои системски и постојано ја јакнеше отпорноста на банките. За натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем на ризиците, во период од една година, Народната банка трипати интервенира кај стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот. Исто така, донесе и други макопрудентни мерки за одржување на квалитетот на кредитокорисниците.

