Прогнозите не се големи кога е во прашање закрепнувањето на пазарот на мобилни телефони, бидејќи тој веќе неколку периоди по ред покажува тренд на опаѓање на продажбата.
Овој пат споделуваме податоци од американскиот пазар, кој иако е сосема поинаков од состојбите на нашите локални пазари, како најголем светски пазар на мобилни телефони, претставува репрезентативен пример за светските трендови во овој дел од ИТ индустријата.
Имено, во вториот квартал од 2023-та година и споредувајќи го истиот период од претходната година, забележан е пад на испораките за 24 отсто, покажуваат податоците на аналитичката фирма „Counterpoint Research“. Затоа, тоа е трет последователен квартал во кој се бележи пад на продажбата на телефони на американскиот пазар, пренесува „CNET“.
Најлошото е што претставникот на оваа компанија, која се занимава со анализа на пазарните настани, тврди дека овие трендови ќе продолжат и во иднина.
Производителите се дефинитивно погодени од ваквиот развој на ситуацијата, а тоа особено се однесува на компаниите кои се занимаваат со производство на уреди со „Android“. Меѓу нив, „Samsung“ помина доста лошо, забележувајќи пад на испораките од 37%. Следува „Motorola“ со пад од 17%, додека „TCL-Alcatel“ помина најлошо, испорачајќи дури 69% помалку уреди во истиот период. Од друга страна, „Apple“ со „iPhone“ се продаваше доста добро, па забележа пад од само 6%.
Телефоните „Google Pixel“ изненадија со 48% подобра продажба, но од друга страна, треба да се има предвид дека учествуваат со само 2% пазарен удел во целата продажба на американскиот пазар, што е практично домашниот пазар за овој бренд. На глобално ниво, уделот е уште помал, речиси занемарлив.
И покрај трендот на намалување, оваа ситуација на пазарот на телефони се чини дека му одговара на „Apple“, кој дополнително ја зацврсти својата водечка позиција и доминација од 45% на сегашните 55% во споредба со истиот период минатата година. Во истиот период, уделот на „Samsung“ падна од 28% на 23%. Општо земено, телефонската индустрија се бори со стагнација на пазарот од периодот на пандемијата поради помалата побарувачка и нарушувањата во синџирот на снабдување. Иако синџирот на снабдување закрепна, не е целосно јасно колку време ќе им треба на клиентите да се вратат на нивото на побарувачка од периодот пред пандемијата на Ковид-19.