3 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСАД: Инфлацијата мерена според личната потрошувачка во јуни падна на најниско ниво...

САД: Инфлацијата мерена според личната потрошувачка во јуни падна на најниско ниво од март 2021 година

Индексот на цените на личната потрошувачка (PCE), кој Федералните резерви на САД (ФЕД) најмногу го земаат предвид во својата монетарна политика, падна во јуни на годишна основа од мајските 3,8 отсто на три отсто, што е најниско од март 2021 година. ФЕД ја мери својата монетарна политика против инфлација од два отсто годишно.

На месечно ниво, цените во јуни пораснале за 0,2 отсто во однос на мај, нешто повеќе од претходниот месец кога поскапеле за 0,1 отсто. Забележливото забавување на годишната инфлација во јуни во голема мера е одраз на пониските цени на бензинот и поблагиот раст на цените на храната, објави американското Министерство за трговија.

Сепак, таканаречената базична инфлација без цените на енергијата и храната остана покачена, иако падна на 4,1 отсто на годишна основа од 4,6 отсто во мај, што е најниско од септември 2021 година. На месечна основа од мај, индексот PCE без храна и енергијата напредувал за 0,2 отсто.

Во јуни цените на стоките се намалени за 0,1 отсто на месечно ниво, а цените на услугите пораснале за 0,3 отсто. Храната поевтини за 0,1 отсто, а енергијата поскапе за 0,6 отсто.

Покрај податоците за инфлацијата, Министерството за трговија објави дека во јуни се зголемени личните доходи за 0,3 отсто, а потрошувачката за 0,5 отсто. Растот на платите беше нешто под очекувањата, додека трошењето беше во согласност со очекувањата.

Извештајот на американското Министерство за труд објавен денеска покажа дека платите побавно растеле во кварталот април-јуни, што сигнализира заладување на пазарот на трудот.

Платите на вработените во приватниот сектор се зголемени за еден процент во последниот квартал, што е помалку во однос на првите три месеци од годинава кога се зголемени за 1,2 отсто. Споредено со една година претходно, платите се зголемени за 4,6 отсто, што е помалку од првиот квартал кога се зголемени за 5,1 отсто.

ФЕД внимателно го следи мерачот на платите познат како индекс на трошоци за вработување. Помалите зголемувања на платите се очекува да ја забават инфлацијата со текот на времето.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП