9 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕкономското закрепнување на Украина зависи од жените

Економското закрепнување на Украина зависи од жените

Закрепнувањето на украинската економија ќе зависи од тоа дали бегалците ќе се вратат во земјата, се наведува во анализата на „Bloomberg“.

Според податоците од Киев, од почетокот на војната, повеќе од 6 милиони луѓе ја напуштиле земјата, од кои 68% се жени и деца. Мажите на возраст од 18-60 години се предмет на мобилизација и не им е дозволено да ја напуштат земјата освен со посебна дозвола.

2,8 милиони од бегалците од Украина се работоспособни жени, а доколку не се вратат во татковината, тоа ќе чини околу 10 отсто од бруто домашниот производ од пред почетокот на војната, вели Александар Исаков, експерт во „Bloomberg“.

Ова е најлошото сценарио и значи загуба од околу 20 милијарди долари годишно. Дел од нив може привремено да бидат покриени со финансиската помош од ЕУ во износ од 12,5 милијарди евра, која ќе се доделува во текот на четири години.

И пред војната, Украина беше во демографска криза со стапка на фертилитет од 1,2, една од најлошите во Европа. Сега со војната поради мртвите и поради инвалидите работната сила ќе биде недоволна за економско закрепнување.

Украина има амбициозна цел да се обнови по војната и да ја удвои својата економија до 2032-ра година. Сепак, Министерството за економија проценува дека 4,5 милиони работници не се доволни за реализација на плановите. Но, овој недостаток може да се покрие, со вратените бегалци, од кои 60% се образовани, и од странци.

Ова бара охрабрување на жените да се вратат на работа, дури и преку нов закон и елиминирање на родовата нееднаквост, поддршка на жените чии мажи се на фронтот да започнат сопствен бизнис итн.

Бегалците и раселените лица од окупираните територии сочинуваат околу 1/3 од вкупно 37,5 милиони луѓе кои живеат на територијата на Украина контролирана од Киев. Раселените Украинци сè уште можат да придонесат за проширување на украинската економија, но бегалците во странство веќе почнуваат да наоѓаат работа, да плаќаат даноци и да го зголемуваат БДП-то на другите земји. Во Украина стравуваат дека многу од нив никогаш нема да се вратат во својата земја.

Нивното враќање ќе зависи од многу фактори – колку долго ќе трае војната, какви ќе бидат безбедносните гаранции итн. Искуството на Босна покажува дека била потребна речиси една деценија да се вратат половина од вкупно 2 милиони бегалци од конфликтот.

Ситуацијата може да се влоши доколку мажите и семејствата на бегалците одлучат да им се придружат во странство. Голем број жени сега одлучуваат да останат трајно во странство поради децата кои таму ја наоѓаат својата нова околина.

Во градовите во Украина, се повеќе градинки повторно ги отвораат вратите, по изградбата на засолништа за бомби, и тие постепено почнуваат да се полнат. Но, дури и во најдобри околности, бегалците со деца ќе се вратат најрано една или две години по завршувањето на војната, кога ќе стане јасно дали Русија ќе продолжи да ја гранатира земјата.

Многумина од бегалците велат дека не сонуваат да останат во земјите кои ги засолниле – Германија, Холандија или Велика Британија. Но, повеќето даваат сѐ од себе за да го продолжат престојот и да ги направат визите трајни. 3/4 од бегалците во Германија посетуваат часови по германски јазик и бараат работа. Во Германија има 1 милион украински бегалци.

Победата ќе биде семејствата да се обединат во Украина, а не во странство, коментира за „Bloomberg“ заменик-министерката за економија Тетиана Бережна.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП