2 мај, 2024
ПочетнаСВЕТСтудија: Огромна улога на климатските промени во јулските топлотни бранови

Студија: Огромна улога на климатските промени во јулските топлотни бранови

Климатските промени предизвикани од човекот одиграа „апсолутно огромна“ улога во екстремните топлотни бранови што ја погодија Северна Америка, Европа и Кина овој месец, според научната проценка објавена во вторникот, објави Хина, цитирана од Ројтерс.

Во текот на јули, екстремните временски услови направија хаос низ целата планета, со рекордни температури во Кина, САД и јужна Европа, кои предизвикаа шумски пожари, недостиг на вода и пораст на болничките приеми поврзани со топлина.

Во текот на викендот, илјадници туристи беа евакуирани од грчките острови Родос и Крф за да се спасат од пожарите предизвикани од рекордниот топлотен бран.

Без климатските промени предизвикани од човекот, настаните забележани овој месец би биле „исклучително ретки“, според студијата на World Weather Attribution, глобален тим на научници што ја испитува улогата на климатските промени во екстремните временски настани.

„Европските и северноамериканските температури би биле практично невозможни без ефектите од климатските промени“, рече Изидин Пинто од Кралскиот холандски метеоролошки институт, еден од авторите на студијата, на прес-конференција.

„Во Кина имаше околу 50 пати поголема веројатност да се случи во споредба со минатото.

Тимот на World Weather Attribution процени дека зголемените концентрации на стакленички гасови го направија топлотниот бран во Европа за 2,5 степени Целзиусови потопол отколку што ќе беше инаку. Тие го зголемија и топлотниот бран во Северна Америка за два, а оној во Кина за еден степен Целзиусов.

Покрај тоа што директно влијае на здравјето на луѓето, топлината предизвика голема штета на посевите и загуби на добиток, велат научниците, при што сериозно се погодени посевите од пченка и соја во САД, мексиканскиот добиток, јужноевропските маслинки и кинескиот памук.

Ел Нино веројатно придонел за дополнителна топлина во некои региони, но зголемувањето на стакленички гасови се главниот фактор, велат научниците, а топлотните бранови ќе станат поверојатни доколку не се намалат емисиите. Тие процениле дека долги периоди на екстремни горештини веројатно ќе се случуваат на секои две до пет години ако просечните глобални температури се покачат за два Целзиусови степени над прединдустриските нивоа.

Во моментов се проценува дека просечните температури се зголемени за повеќе од 1,1 степен.

„Настаните што ги набљудувавме не се ретки во денешната клима“, рече Фридерике Ото, научник од Институтот за климатски промени Грантам во Лондон, говорејќи на прес-конференција.

„Не е изненадувачки од климатолошка гледна точка што овие настани се случуваат во исто време. Сè додека согоруваме фосилни горива, ќе гледаме се повеќе и повеќе од овие екстреми. Мислам дека нема посилен доказ што науката го презентирала за кое било научно прашање“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП