1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Го изедовме бостанот“ – цената на лубеницата достигна 50 денари за килограм

„Го изедовме бостанот“ – цената на лубеницата достигна 50 денари за килограм

Ако лани овој период купувавме лубеница која чинеше 10 денари за килограм, годинава еден килограм бостан на пазар чини од 20 до 30 денари, додека, пак, во маркетите цената достигнува и до 50 денари.

Според познавачите, ваквото поскапување на лубеницата се должи на повеќе фактори како што се временските обрасци, прекините во синџирот на снабдување, транспортните трошоци, како и променливите барања на потрошувачите.

Ако погледнеме на глобално ниво, на пример, само во последните 30 дена просечната цена на лубеницата се искачила на 5,44 долари, а тоа претставува скок од 3,60 долари во споредба со истиот период минатата сезона.

И самите граѓани го забележуваат и се чудат на големото поскапување на бостанот.

-Не би купила лубеница по оваа цена, ама внучето искажа желба и затоа дојдов на пазар за да му купам и да го израдувам. Купив една лубеница од 10 килограми и платив 300 денари. Навистина е претерано, па со тие 300 денари ќе купам месо и ќе се наручам како човек. Впрочем, купувам најобична лубеница, а не авокадо или манго. Ова поскапување веќе не се поднесува, пазарџиите ги преминаа сите граници. Луѓето стануваат сѐ посиромашни и посиромашни, трпат за глад. Порано купувавме бостан за 5 до 10 денари за килограм, а сега лубеницата станува луксуз – ни изјави 62-годишната Лидија од Влае која ја сретнавме додека пазаруваше на пазарот во Ѓорче Петров.

Денар разговараше и со пазарџиите кои продаваат бостан на тезгите.

-Свесни сме за високата цена на бостанот и потполно се согласуваме со муштериите кога се лутат поради поскапувањето, но немаме друго решение. Ние сме препродавачи. Ги купуваме лубениците по одредена цена и ги продаваме на пазар. Но, тој што ни ги продава ни вели дека цената не може да биде иста со ланската, па ние сме принудени да ги купуваме поскапо, но и поскапо да ги продаваме. Во моментов килограм бостан чини 30 денари и не би знаеле кога ќе се намали цената. Ако погледнете во големите маркети, таму килограм лубеница се продава и за 50 денари – ни изјави продавачот.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП