20 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСемејните прослави стануваат луксуз – „мекиците“ чинат колку свадбите

Семејните прослави стануваат луксуз – „мекиците“ чинат колку свадбите

Класичните семејни ручеци, па и прослави во кафеаните веќе почнаа да претставуваат недостижен луксуз за поголемиот дел од граѓаните, бидејќи угостителските услуги драстично поскапеа во изминатиот период.

Според последните проценки, кумулативниот индекс на цените на угостителските услуги годинава во однос на лани е зголемен за цели 13,3 проценти.

Па така, доколку за една скромна семејна веселба до лани плаќавме околу 15.000 денари, сега за истата храна и истите пијалаци во истата кафеана ќе треба да платиме најмалку 17.000 денари.
Само за прослава поради раѓање дете, односно „мекици“, поголемиот дел од скопските кафеани и ресторани веќе одредија повисока цена на менито, а најниската понуда изнесува 600 денари за порција.

Една позната кафеана во срцето на ТЦ Лептокарија нуди мекици-порција за 550 денари без да бидат вклучени пијалаците во цената.

-Цената за една порција изнесува 550 денари. Од нас добивате по две мекици за човек, витаминска салата, шопска салата, ордевер и даска со похованици. Пијалаците не влегуваат во цената и тие посебно се наплаќаат. Исто така може да си доплатите доколку сакате да ви најдеме жива музика – ни одговори сопственикот на кафеаната.

Во еден етно-ресторан на периферијата, пак, цената на порцијата за мекици изнесува 700 денари со бесплатни пијалаци во времетраење од 4 часа.

-Имаме неколку пакети за мекици, но најчесто луѓето го одбираат тој од 700 денари за порција. Добивате шопска салата, витаминска салата, ордевер, неограничен број мекици, даска со похованици и пилешки прсти со сос. Пиењето е вклучено во цената, но изборот на пијалаци е ограничен – вели сопственикот.

Според Државниот завод за статистика, индексот на цените на угостителските услуги во јуни 2023 година, во однос на истиот месец од претходната година, е зголемен за 12,2 отсто..

Индексот на цените на угостителските услуги во јуни 2023 година во споредба со мај 2023 е зголемен за 0,3 проценти. Споредено по групи на услуги, зголемување е забележано во групите храна за 0,2, алкохолни пијалаци за 1 и безалкохолни пијалаци за 0,5 отсто.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП