3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИзгор цени на средствата за сончање – би дале ли 1.500 денари...

Изгор цени на средствата за сончање – би дале ли 1.500 денари за млеко со заштитен фактор?

Бранот на поскапување годинава не ги одмина ниту средствата за сончање, па доколку се подготвувате за одмор на море или на езеро, тогаш бидете подготвени да платите „солена“ цена за млеко за сончање или масло за потемнување на тенот.

Денар направи обиколка низ специјализираните продавници во моловите каде што се нудат средства за сончање, па забележавме дека цените на ваквите заштитни препарати оваа сезона се движат од 400 па сѐ до 1.500 денари.

-Лани купив млеко за сончање за околу 500 денари, а оваа година истото тоа млеко се продава за скоро 900 денари. Навистина е претерано. Морам да го купам поради децата за да не ми изгорат на сонцето, а кои се алергични на други препарати. Инаку, ако се работеше само за мене и за сопругот, воопшто не би фрлала толку пари за шише од 250 милилитри – ни изјави скопјанка додека чекаше ред на каса за да го плати млекото за сончање.

Реакции за поскапените производи за на плажа има и на социјалните мрежи.

„Вчера бев во Сити Мол за да купам крема за заштита од високо ниво на УВ зрачењето, но кога видов колку чини едно пакување веднаш се откажав од намерата и не го купив. Најевтиниот препарат за сончање беше околу 600 денари, а имаше и такви кои чинеа над 2.000 денари. Подобро ќе изгорам на сонцето и цела ноќ ќе се мачкам со евтино кисело млеко, отколку да плаќам толку пари за превентивно делување“, пишува на Фејсбук извесна Верица Јованова.

Доколку и вие сметате дека новите цени на препаратите за сончање се плафонски, тогаш обидете се да си направите домашно млеко за сончање, а ние ќе ви го откриеме рецептот:

Состојки:

1/2 филџан маслиново или бадемово масло;
1/2 филџан кокосово масло (има природен заштитен фактор 4);
1/4 филџан пчелин восок;
2 лажички цинк оксид.

Подготовка:

Во стаклен сад ставете ги сите состојки, освен цинк-оксидот. Во тенџере со средна големина ставете малку вода и ставете на шпорет да се загрее. Стаклениот сад со состојките ставете го во тенџерето со вода, за состојките да се стопат.

Повремено мешајте, а кога во целост ќе се соединат тргнете ги од шпоретот, и во садот додадете цинк-оксид и промешајте. По желба можете да додадете и есенцијални масла за кремата да има поубав мирис.

Инаку, цинк-оксидот е минерал што го одбива штетното сончево зрачење и е главна состојка на кремите за сончање.

Запомнете дека оваа домашна крема не е водоотпорна, па би требало повторно да се намачкате по излегувањето од вода. Според овој рецепт, направената крема за сончање има заштитен фактор 15, а колку повеќе ќе ставите цинк-оксид, толку е поголем заштитниот фактор.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП