3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДругари од Скопје уплатија одмор во Атина – се вратија „попарени“

Другари од Скопје уплатија одмор во Атина – се вратија „попарени“

Можеби за многумина ќе звучи чудно тоа што некој нашинец уплатил 10-дневно летување во главниот град на нашиот јужен сосед – Атина, но токму тоа неодамна го сторија четворица другари од Скопје, кои одлучија да си дозволат еден поинаков одмор од оној на кој се веќе навикнати.

Иако оваа метропола, со оглед на големината, не се смета за топ летна дестинација каде што можете бескрајно да ѝ се препуштите на убавината на егејското синило, сепак, како што раскажуваат момчињата од Автокоманда, таму може да се најдат и да се доживеат многу работи кои не можете да ги доживеете на друго место во светот.

-Атина е совршено место за млади луѓе. Забава има на секој чекор, музика, дискотеки, плажи, убави девојки, вкусна храна… Едноставно, сакавме со другарите да искусиме нешто сосема поинакво. Долго време размислувавме каде да го поминеме нашиот одмор, па одлучивме да го сториме тоа онаму каде што скоро никој не оди на одмор. Запаливме колата и тргнавме за Атина. Преку „букинг“ најдовме сместување во близина на центарот и можам да кажам дека не беше многу скапо. Сите четворица плативме по 200 евра за 10-дневно сместување, а за возврат добивме цел спрат од вила. Цените на храната во рестораните и на пијалаците во дискотеките беа прилично „солени“, но затоа, пак, цените во маркетите беа скоро исти како во нашите маркети – раскажува 20-годишникот.

Но, тоа што најмногу ги изненадило туристите од Македонија било правилото за плаќање влез на плажа.

-Градските плажи не се ништо посебно, иако и таму имаше добри забави. Но, на неколку километри в долж брегот има навистина прекрасни плажи, ама секоја од нив си има своја цена. Не е дозволено посетителите бесплатно да ги користат плажите. Цените за влез на плажа се движеа од 20 евра, па сѐ до 100 евра. Ако веќе одлучите да платите и стапнете на плажата, таму ве очекува уште едно изненадување: изгор цена на лежалките, дури и до 100 евра за две лежалки со чадор. На пример, на плажата Астир, цената на лежалките се движеше од 30 до 150 евра. Тоа ви е сува карта, без пијачка. Ако сакате да нарачате пијалак, тогаш стискате копче и на тој начин го повикувате келнерот, но треба да знаете дека секое стискање на копчето чини 1 евро. Искрено, забавата во Атина е незаборавна, ама и неверојатно скапа – посочува тој.

Инаку, од Скопје до Атина има околу 700 километри за возење, а до таму се стигнува за околу 8 часа.

Во продолжение, погледнете го ценовникот од плажата Астир во Атина:

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП