Никаде на пазарите не можете да најдете кајсии поевтини од 120 денари за килограм, а ништо пониска не е ни цената на увезените јаболка, круши и јагоди.
Причината за високите цени на овошјето, објаснуваат земјоделците со коишто разговараше Денар, е поради тоа што оваа година родот не беше на задоволително ниво за разлика од лани, а главниот виновник за таквата состојба се долготрајните дождови што ја зафатија земјава.
-Многу врнеше, а тоа ни направи големи проблеми. Род има и оваа година, ама не е како лани. Затоа сме принудени да ја зголемиме цената на производите. Климатските промени си го направија своето – вели земјоделец од кавадаречкото село Сирково.
Домаќинките, пак, си имаат друг проблем – оваа година ќе мора да намалат со количината на џем кој традиционално го прават секоја сезона, бидејќи, како што велат, пресметките покажуваат дека една тегла џем ќе ги чини колку една кутија еурокрем.
-Повеќе не се исплати да правиме џем, компот или мармалад. Многу е скапо овошјето и поисплатливо е да се купи купечки производ. Да, вкусот не е како домашниот, ама разликата во цена е огромна. На пример, за да направам неколку тегли џем, потребни ми се најмалку 15 килограми кајсии, а тоа значи дека ќе треба да потрошам околу 2.000 денари за овошје. Кога на тоа ќе додадете најмалку 5 килограми шеќер кој чини околу 50 денари, а и струјата или дрвата што ќе ги потрошите за варење, тогаш излегува дека една тегла џем ќе ве чини најмалку 300 денари. А тоа е прилично висока цена – објаснува 66-годишната Роза од Радишани.
Денар разговараше и со пазарџии кои продаваат овошје на пазарот во Буњаковец.
-Не можеме да понудиме пониски цени, бидејќи и сега работиме за бадијала. Многу се кренаа цените, особено на кајсиите. Нешто слично како со црешите пред неколку месеци. Ако ми верувате, доаѓаа луѓе и купуваа по 200-300 грама цреши, бидејќи им беше скапи да купат килограм. Сега истото го прават и со кајсиите. Доаѓаат и бираат 5-6 овошки. Велат дека во никој случај не би платиле 120 денари за килограм кајсии. И во право се, навистина е скапо, ама и ние не сме виновни – вели еден од пазарџиите.
Б.З.М.