17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНема веќе фарбање автомобил за 500 евра – поскапеа и автолакерските услуги

Нема веќе фарбање автомобил за 500 евра – поскапеа и автолакерските услуги

Инфлацијата и глобалното поскапување на сѐ живо и диво во земјава практично ги натера автолимарските и автолакерските работници да ја кренат цената на услугите.

Па така, ако целосно фарбање на автомобил до лани чинеше во просек 500 евра, сега ниту еден мајстор не се нафаќа ни да го прими возилото во својата работилница за помалку од 700 евра.

Главната причина за поскапувањето на услугите, објаснуваат мајсторите, е големото поскапување на индустриската електрична енергија, но и поскапувањето на материјалите и деловите за работа.

Според нив, трошокот за едно фарбање на автомобил сега изнесува најмалку 300 до 400 евра.

Денар разговараше со познат автолакер од Скопје, кој најдобро ги објасни причините за поскапувањето:

-Трошоците драстично ни се зголемија, поскапе електричната енергија, а и цената на материјалите за обработка и за фарбање се поскапени за најмалку 20 отсто. Затоа и ние бевме приморани да ги зголемиме цените на услугите. Цените не ги зголемив само јас, туку тоа го сторија повеќе мои колеги од Скопје. Муштериите се лутат и се жалат дека им е скапо кога ќе им ја соопштиме цената, ама и ние имаме семејства кои очекуваат полн фрижидер. Само за подготовка и за фарбање на еден автомобил мене ми се потребни околу 10 дена. Ако трошокот за тој автомобил изнесува 400 евра, тогаш никако не ми се исплати старата цена од 500 евра за цела услуга. Тоа значи дека за 10 дена би заработил само 100 евра, односно 10 евра на ден – објаснува нашиот соговорник.

Тој вели дека секој добар мајстор треба да си го цени трудот, но тоа треба да го прават и самите муштерии.

-Не дека се правам многу важен, ама искрено, не ми се исплати да работам со стари и со евтини автомобили. Најчесто ги одбивам и ги препраќам кај мои колеги. Кога велам стари автомобили, мислам на Застава 101, Југо, Фиќо… Оти, која цена да му ја кажам ако сопственикот сака нова фарба на возилото? Да му кажам 700 евра за фарбање, а самиот автомобил не вреди ни 200 евра?! Навистина не би било фер. Но, има и такви муштерии кои возат скапи возила, а кои негодуваат кога ќе ја слушнат сумата за услугата. Купил БМВ од 30.000 евра, го удрил браникот, а скапо му е да плати 100 евра. Тоа значи дека не ме почитува и не ме цени мене како мајстор. И тие таквите најчесто ги препраќам кај други колеги – вели мајсторот.

Освен бојата, лакот и потрошниот материјал, додава тој, поскапени се и деловите за автомобили за најмалку 20 проценти.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП