2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДетските играчки знаат да бидат опасни и отровни – не купувајте сѐ...

Детските играчки знаат да бидат опасни и отровни – не купувајте сѐ што е шарено и слатко!

Радоста на децата е неизмерна кога ќе добијат нова детска играчка, но дали сте знаеле дека не секоја играчка е безбедна за вашето дете или внуче?

Признајте дека шаренилото и убавиот изглед на играчката се главните работи коишто ве привлекуваат да го купите производот и дека скоро никогаш не сте ги погледнале ознаките што се испишани на пакувањето.

Ако е така, тогаш навистина треба да си ги промените навиките, оти му правите голема штета на детето.

На пример, извештајот на Комисијата за безбедност на производи на САД вели дека годишно во просек околу 15 деца ги губат своите животи од причини предизвикани од играта со несоодветни играчки.

Најчестата причина за смрт кај децата се повредите од скутерите за деца, сетовите за градење и возните средства. Според извештајот, сетовите за градење и возилата биле причина за 13 отсто од повредените деца под 5 години. Немоторизираните скутери биле причина за повредите на 19 отсто од децата помлади од 15 години.

Малите скокачки топчиња кај нас познати како „ѓаволски топчиња“ се исто така една од водечките причини за сериозни повреди, па и смрт кај децата.

Иако изгледаат слатко, полнетите мечиња се огромна опасност за најмладите, па затоа чувајте ги подалеку од бебешките креветчиња, бидејќи можат да бидат смртоносни. Според извештајот, 5-месечно бебе се задушило откако една кадифена мечка паднала врз бебето и го задушила.

„Секогаш пред купување треба да се читаат етикетите што се наоѓаат на играчките, да се следат инструкциите и да не се даваат на деца што ја немаат соодветната возраст да играат со нив. Особено треба да се внимава и при купувањето накит за девојчиња, кој лесно се кине, се крши и има голем број мали делови во него. Исто така, треба да се избегнуваат евтини играчки со сомнително потекло, бидејќи најчесто се направени од материјали штетни за децата“, се вели во извештајот.

Особено внимание треба да посветат родителите кои им дозволуваат на своите деца да го користат „слајмот“, кој веќе со години е атракција за децата, а инаку е лигава леплива играчка која се продава во продавниците за 50 до 100 денари, во разни бои и светки. Но, хемикалиите што ги има во високи количества се отровни и штетни за здравјето на децата.

Слајмот содржи енормно високи количества бор, односно дури 4 пати поголема концентрација на оваа хемикалија од дозволеното според европските стандарди. А борот е опасна хемикалија која предизвикува иритации на кожата, дијареа, главоболка, повраќање …

Латиничната ознака со големи букви CE (или на македонската кирилица ЦЕ) е задолжителна за проверените и безбедни детски играчки.

Покрај оваа ознака, доколку играчката содржи електроника, потребно е да има етикета за електрична безбедност, возрасна граница, земја и адреса на потекло, препораки од ЕУ, знак за предупредување, како и безбедносни упатства.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП