5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГотовината повеќе не владее во Јапонија бидејќи употребата на монети опаѓа

Готовината повеќе не владее во Јапонија бидејќи употребата на монети опаѓа

Бројот на монети во оптек во Јапонија падна за невидена сума, што сугерира дека домаќинствата во земјата се при крај на долгата љубовна врска со „касичката“.

Според податоците на Банката на Јапонија, понудата на монети во земјата постојано расте од 1970-та година, но драстично опаѓа од година во година веќе 18 последователни месеци.

Пресвртот е предизвикан од комбинацијата на пандемијата со Ковид-19, банкарските трошоци, инфлацијата и порастот на технологијата за безготовинско плаќање.

Популарноста на безготовинските плаќања, што некои ја поврзуваат со идејата дека монетите се сметаат за „валкани“ и можат да предизвикаат Ковид, нагло се забрза во 2022-ра година. Безготовинските трансакции сочинуваат 36% од сите плаќања на потрошувачите, во споредба со 15% една деценија порано.

Според аналитичарите, повлекувањето на населението од монетите може да биде и сигнал за поголема промена во односот на Јапонците кон штедењето.

Најостар пад во оптек има монетата со најголема апоенска вредност, 500 јени. Тоа е најчестата монета што им се дава на децата да ја чуваат во нивните „прасиња“, традиција која има за цел да создаде стабилни шеми за штедење.

Родителите традиционално ги одвојуваат парите од 500 јени што ги имаат и ги додаваат во касичките на нивните деца, чија содржина се префрла на банкарските сметки кога ќе се полни.

Но, од почетокот на минатата година, јапонските банки почнаа да наплаќаат високи провизии до 1.100 јени за секој што ќе донесе голем број монети.

Цујоши Уено, главен економист на истражувачкиот институт „NLI“ со седиште во Токио, рече дека силниот отпор кон плаќањето такси најверојатно довел многу домаќинства да престанат да користат касички и целосно да избегнат собирање монети со користење безготовинска технологија за помали плаќања.

„Прасињата“ беа движечката сила зад побарувачката и ковањето монети од 500 јени, па разумно е да се претпостави дека промената на заштедите доведе до нагло намалување на таа побарувачка, напиша Уено во една студија.

Очигледната промена во однесувањето доаѓа во време кога највисоката инфлација во Јапонија во последните децении го доведува во прашање ставот на луѓето кон трошењето и штедењето.

Политичкиот и деловниот свет на Јапонија се повеќе се фокусира на можноста земјата да претрпи фундаментални промени. Цела генерација која порасна во ера на дефлација е принудена да се прилагоди на растечките цени, построгиот пазар на труд и, можеби, да го напушти 24-годишниот јапонски експеримент со ултра ниски каматни стапки.

Економистите во „JPMorgan“ во Токио рекоа дека иако побарувачката за банкарски депозити остана стабилна како дел од средствата на домаќинствата и падот на количината на банкноти во оптек не беше толку остар како кај монетите, податоците на централната банка може да навестат промена.

„Заклучокот овде е дека падот на употребата на монети може да сигнализира поширока промена во јапонската готовинска филозофија“, рече Бенџамин Шатил од „JPMorgan“, кој исто така го забележа ненадејниот пад на монетата во белешка до клиентите во минатиот месец.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП