8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААко веќе купуваме скапи јајца, барем да јадеме органски

Ако веќе купуваме скапи јајца, барем да јадеме органски

Ако само пред една година цената на јајцата во маркетите изнесуваше 6 до 8 денари за парче во зависност од големината, таа цена сега е двојно повисока.

Индустриските јајца во маркетите и на пазарите веќе достигнуваат 12 денари за парче, а цената на домашното јајце од кокошка која живее во рурална средина и која се храни без зрно концентрат, изнесува околу 15 денари.

Но, домашните и органски јајца се вистинска реткост и доколку сакате редовно да се храните со нив, потребно е да развиете комуникација со фармерите кои ги продаваат јајцата, со цел да ви зачуваат во месецот толку колку што ви се потребни.

Проблемот е што во летниот период и тие кубурат со јајца.

-Не знам што им стана на кокошките. Дали од жешкото време или ги фати некаква болест, ама сѐ помалку и помалку јајца даваат. Инаку, кокошките ги чувам на отворено преку целиот ден и тие се „трчани“ кокошки. Ги хранам само со чиста храна и не им давам ни грам концентрат. Едноставно, сакам да произведувам органски јајца и да знам што јадам. Купете јајце од продавница и споредете го со органските јајца. Има огромна разлика. Проблемот е што добиваме малку јајца и правиме список за луѓето кои купуваат. Штом соберам една табла, веднаш им јавувам на муштериите да дојдат и да си ги земат – објаснува Гроздан од скопското село Волково.

Тој вели дека постојано го контактираат препродавачи на органски јајца, кои, како што вели тој, се класични измамници.

-Постојано ми се јавуваат препродавачи на јајца за да правиме бизнис. И на сите им кажувам дека јас не живеам од јајцата. Сакам да имам јајца за моето семејство и за внучињата, а тоа што ќе остане сакам да го продадам на оние кои навистина уживаат во тоа. Впрочем, јас сум фармер, а не бизнисмен. Неколку пати, на почетокот, му продавав на еден човек кој ме лажеше дека ги купува јајцата за своите деца, а подоцна дознав дека всушност им ги продава на богаташите во елитната населба во Бардовци, па уште ги лаже дека јајцата се производ на неговата фарма. Кај мене ги купува 15 денари, а кај нив ги продава 30 денари за парче – раскажува нашиот соговорник.

Обиколката што ја направи Денар низ продавниците покажа дека пакување од 10 јајца икс-ел големина се продава за 120 денари, а ел-големината е 113 денари.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП