2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПодигнуваат кредити за да се сончаат во Египет или во Тунис

Подигнуваат кредити за да се сончаат во Египет или во Тунис

Конечно истечена е важноста на девизата дека „само оние со ‘сина крв’ можат да си дозволат одмор од соништата“, бидејќи сами сведочиме дека во последно време сѐ повеќе Македонци одлучуваат својот одмор да го поминат на топ дестинации кои некогаш чинеа цело богатство за да се посетат.

А таквите топ дестинации кои сѐ почесто ги посетуваат туристи од Македонија, објаснуваат од туристичките агенции, ги носат имињата Египет, Тунис и Кипар.

Како што појаснуваат туристичките работници, интересот за овие дестинации е прилично голем, а и термините за летово се веќе одамна распродадени.

Според нив, иако можеби ваквиот одмор чини нешто повеќе од класичниот традиционален одмор во Грција или во Црна Гора, на пример, сепак, голем број македонски туристи решаваат да ја вложат целогодишната заштеда и да уплатат за одмор од соништата.

Некои, пак, појаснуваат нашите соговорници, подигнуваат и кредити од банка само за да можат да си дозволат седумдневен одмор на некоја од овие дестинации.

-Цените за одмор во Тунис, Египет, па и Кипар, не се нешто многу високи. Секако, поскапо ќе ве чини од летување во Грција, ама секое задоволство се плаќа, зарем не? На пример, за 7 ноќи во Кипар ќе платите до 700 евра по човек, а во цената е вклучен и авионскиот превоз и трансферот од аеродромот до студиото за престој. За одмор во Египет и во Тунис, пак, треба да одвоите околу 500 евра по човек за 7 ноќи во хотел, со вклучен авионски превоз и вклучен трансфер до хотел со полн пансион – брифираат туристичките работници.

Тие ги советуваат туристите – ако веќе сте решиле да уживате, тогаш уплатете си ол-инклузив ангажман, оти со сигурност ќе ви се исплати.

-Не се грижиш за јадење, не се грижиш за пиење, на вас останува само уживањето. Сѐ ви е платено и добивате сѐ што ќе посакате. Вака ги советуваме нашинците пред да уплатат за одмор на овие дестинации. Ова најмногу важи за Анталија, Аланија, Сиде, Белек и Кемер во Турција, како и Хургада во Египет.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП