Зголемените цени на храната се уште се најсилниот двигател на цените во Германија.
Според конечната проценка, инфлацијата на годишно ниво во Германија скокнала на 6,4 отсто во јуни од 6,1 отсто во мај, објави денеска германската Федерална статистичка служба Дестатис.
„Стапката на инфлација повторно се зголеми по три последователни месеци на пад“, рече претседателката на Федералната статистичка служба со седиште во Визбаден, Рут Бренд.
Во јуни инфлацијата порасна нешто побрзо во енергетскиот сектор – за 3,0 отсто во однос на мајските 2,6 отсто, пред се поради ефектот на ниската основа од минатата година.
На годишно ниво најмногу поскапеле цврстите горива – 26,6 отсто, природниот гас 20,8 отсто, струјата 10,5 отсто и парното греење за 9,3 отсто.
Порасна и годишната инфлација во услужниот сектор – за 5,3 отсто во однос на мајските 4,5 отсто.
Во јуни цените на храната поскапеа побавно на годишно ниво – за 13,7 отсто во однос на мајските 14,9 отсто, а најмногу поскапеа млечните производи – за 22,3 отсто, како и шеќерот, џемот, медот и другите слатки – за 19, 4 проценти.
„Порастот на цените на храната сè уште е најсилниот двигател на цените во Германија“, вели Рут Бренд.
Годишната базна стапка на инфлација се зголеми и во јуни, од 5,4 отсто во мај на 5,8 отсто.
На месечно ниво, цените во јуни се зголемени за 0,3 отсто во однос на мај.