3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПорано шетаа крави по улиците, а сега е топ дестинација за Македонците

Порано шетаа крави по улиците, а сега е топ дестинација за Македонците

Не мора да трошите цело богатство за да се сончате на прекрасни песочни плажи и да се капете во тиркизно море. Потребно е само да ги посетите најпознатите туристички места во Албанија и да се чувствувате исто како да сте на Малдиви.

Драч, Ксамил и Саранда веќе неколку години важат за најдобрите туристички места што им ги нуди Албанија на туристите, а таму ви се нуди апсолутно сѐ по апсолутно ниски цени.

Денар направи мало истражување, па во продолжение ќе ви пренесеме колку би ве чинел одморот во Албанија, заедно со искуства од нашинци кои веќе го искусиле.

На пример, сместување во хотел со четири ѕвездички во Драч, кој се наоѓа на само 50 метри од плажата, односно има своја приватна плажа, чини 95 евра за ноќевање со појадок, за две лица. Но, доколку го резервирате хотелот неколку месеци однапред, можно е да платите значително помалку за сместувањето. Во цената е вклучен и чадор со две лежалки, пешкири за на плажа, како и паркинг за вашиот автомобил.

Слични се цените и во Саранда и во Ксамил, но освен хотелското сместување, на располагање ви стои и приватно сместување. Во вила „Ујвара“, во Ксамил, на пример, се нуди студио за 7 ноќевања по цена од 350 евра. Студиото има голем брачен кревет, балкон, комплетно опремена кујна со прибор за готвење и јадење, фрижидер, клима, сопствено купатоло, бесплатен интернет.

Доколку немате сопствен автомобил, туристичките агенции нудат автобуски превоз по цена од 60 евра.

Цените на храната во туристичките места во Албанија исто така се ниски, под сите очекувања. Ручек за двајца, кој се состои од предјадење, главно јадење, пијалаци, колачи, вода и две кафиња, ќе ве чини вкупно 18-20 евра, и тоа во ресторан кој се наоѓа веднаш покрај морето.

Просечните цени на храната во рестораните се следни: супа 1,5 евра, риба 3,5 евра, салата од октопод 4 евра, колач 1,5 евра, кафе 1 евро.

Денар разговараше со нашинци кои штотуку се вратија од одмор во Ксамил.

-Во Ксамил одиме втор пат на одмор. Првиот пат бевме во 2014 година и тогаш рековме дека никогаш повеќе нема да го посетиме ова место затоа што навистина не беше убаво. Приватното сместување не ни се погоди, нема ноќен живот, забрането е да правите било каква галама по 22 часот, по улиците се шетаа крави и овци… Но, наши пријатели нѐ предомислија и ни раскажаа дека работите наводно се променети. Затоа решивме оваа година да му дадеме уште една шанса на ова место и можам да кажам дека овојпат сме презадоволни. Албанците полека почнуваат да го учат туризмот и тоа засега совршено добро го прават. Плажите се убави, морето е прекрасно, а храната и пијалаците се поетвтини од Македонија. Дефинитивно би дошле пак, бидејќи и на децата им се допадна – раскажува Анета Димевска од Карпош.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП