3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОПЕК бара нови членки

ОПЕК бара нови членки

Генералниот секретар на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) сигнализираше дека влијателната алијанса на производители е отворена за регрутирање нови членки.

Запрашан дали се обидува да ја прошири коалицијата на ОПЕК, генералниот секретар на организацијата, Хајтам ал-Гаис, им рече на новинарите: „Да, се обидувам“, објави „CNBC“.

Организацијата моментално има 13 членови со седиште главно на Блискиот Исток, Северна и Западна Африка и Јужна Америка. Групата производители на нафта се мачи внатрешно да ги усогласи изгледите за построга понуда на сурова нафта во втората половина од годината, актуелните макроекономски прашања и загриженоста за инфлацијата. Членките на ОПЕК ја координираат количината на нафта што ја произведуваат за да влијаат на цените.

Еквадор ја напушти групата во 2020-та година поради политички околности, но во мај земјата беше поканета повторно да се приклучи на ОПЕК, според писмото од Ал-Гаис споделено од Министерството за енергија на Еквадор.

„Организацијата смета дека е главен приоритет Еквадор повторно да се приклучи на семејството на ОПЕК“, се вели во писмото, но одговорот на еквадорското министерство сѐ уште не е јасен.

Ал-Гаис не ги откри имињата на потенцијалните нови членки, но ги спомена неодамнешните посети на земјите производители на нафта, вклучително и сојузниците кои во моментов спроведуваат заедничка производствена стратегија со земјите од ОПЕК, во групата позната како ОПЕК +.

„Бев во Малезија, бев во Брунеи, бев во Азербејџан, бев во Мексико“, вели тој, нагласувајќи дека не мора да ги поканил тие земји да се приклучат на организацијата.

Претходните шпекулации за потенцијалното членство на Гвајана го натераа ОПЕК кон крајот на јуни да соопшти дека иако јужноамериканската земја е „играч во развој на меѓународниот пазар на нафта со значителен потенцијал“, таа не била поканета да се приклучи.

Запрашан за условите за членство во ОПЕК, Ал-Гаис рече: „Тие мора да бидат нето извозници на нафта, да бидат значајни играчи, да имаат слични цели како ОПЕК. Сето тоа е многу јасно споменато во нашиот устав. Мислам дека многу од земјите што штотуку ги набројав навистина одговараат на тој профил. Така што тоа е работа во тек“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП