3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПланирате одмор на Јадранско? Еве колку ќе платите во Словенија, Хрватска, Црна...

Планирате одмор на Јадранско? Еве колку ќе платите во Словенија, Хрватска, Црна Гора, Албанија…

Се ближи шпицот на летната туристичка сезона, а вие сѐ уште немате смислено каде да ги поминете деновите од одмор?

Црно Море во Бугарија ви е валкано, а на Егејот во Грција ви е жешко?

Тогаш, обидете се со Јадранот, кое важи за една од топ дестинациите за летните одмори, пред сѐ поради мирисот на водата, прекрасните плажи, но и големата количина сол во морето.

Денар малку истражуваше за вас и успеа да одговори на неколку главни прашања кои во моментов со сигурност ви се вртат низ главата: колку чини престојот во приватни апартмани, а колку чини престојот во хотели на неколку локации на Јадранот? Како е за одмор во Словенија, а како е во Албанија? Каде е најдобро да се помине одмор за едно просечно четиричлено семејство во шпицот на сезоната?

Да започнеме со – преубавата и пречистата Словенија. Во Изола можете да најдете приватно сместување од 850 евра за 10 дена, а цените во хотелите се движат од 1.500 евра до 5.000 евра.

Слично е и во Порторож, но таму хотелите се значително поскапи и не може да се најде соба под 1.700 евра.

Затоа, тука е и Хрватска. Што велите за Истра? Најдоброто апартманско сместување за четиричлено семејство може да се најде за околу 1.000 евра за 10 дена, а сместување во хотел чини околу 1.350 евра.

Цените во Ровињ се слични како во Пореч, но сместувањето во хотел таму се движи од 1.450 до 12.000 евра.

На Крк се наоѓа стан за 100 евра дневно, па сѐ до 8.000 евра за 10 дена, а најприфатливите хотели се двојно поскапи.

Во Шибеник е поевтино, па таму може да поминете со 570 евра за 10 дена, додека цените во хотелите се движат од 2.200 до 6.650 евра.

Ако сте мераклии за одмор на остров, тогаш островот Брач нуди приватно сместување од 1.000 евра па сѐ до 10.000 евра за десет дена. Цените на хотелите на островот започнуваат од 2.100 евра.

На Хвар можете да најдете приватно сместување од 85 евра дневно, но таму нема хотел поевтин од 3.600 евра за 10 дена.

Единствено Макарска е релативно поевтина, па таму може да се најде приватен стан за 460 евра за 10 дена, иако цените на хотелите се од 1.870 евра па нагоре.

А секако, размислете и за Црна Гора. Во Херцег Нови, на пример, едно четиричлено семејство може да помине 10 дена со сума од 500 евра во приватно сместување, а во хотел ќе плати од 1.600 евра па нагоре.

Сместување на Тиват може да се најде од 44 евра, а во Будва околу 50 евра.

Во Улцињ ќе треба да платите околу 300 евра за 10 дена или 1.000 евра ако сакате да престојувате во хотел.

Ако и ова не ви фаќа око, тогаш обидете се со Босна и Херцеговина. Најпопуларното место Неум нуди приватно сместување од 530 евра за 10 дена, а во хотелите цената достигнува и до 3.000 евра.

На Јадран можете да се капите и во Албанија. Во Драч ќе платите 220 евра за 10 дена во апартман, а цената во хотелите се движи од 260 евра.

Цените во Ксамил се движат од околу 600 евра до 3.000 евра во приватните апартмани, а во хотелите од 700 до 5.000 евра за 10 дена.

Саранда е во близина на Ксамил и е малку поевтина, па таму можете да најдете сместување од 320 евра до 3.000 евра, а во хотелите од 660 евра до 5.000 евра.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП