Проблемот со снабдување со електрична енергија во селото Слупчане денеска ќе биде решен. Сите граѓани мора да плаќаат за потрошената електрична енергија, а Министерството за економија ќе помогне во секоја ситуација каде што има потреба, согласно надлежностите кои ги имаме, кажа во изјава за медиумите министерот за економија Бектеши откако поради неовластено користење на струјата од страна на мештаните настана дефект на преносната мрежа на електрична енергија во неколку села во Липковско.
“Министерството за економија согласно надлежностите кои произлегуваат од Законот за енергетика и подзаконските акти креира клима се со цел да се намалат загубите на електрична енергија во делот на пренос и дистрибуција и во делот на кражбите кои ги има. Јас лично сум вклучен во овој процес и сакам да им порачам на сите граѓани дека електрична енергија мора да се плаќа насекаде. Како што беше и случајот со Арачиново и со други населени места, секој граѓанин треба да плати за потрошената струја, така функционира и пазарна економија и регулирана економија, бидејќи цената на струјата на електричната енергија е регулирана во нашата земја. Целосно сме посветени загубите да бидат минимални. Од минатата година до сега, со поддршка и на Министерство за економија и другите институции загубите се значително намалени. ЕВН имаат право согласно регулативата да постапат во овие случаи како што има земено обврска да работат на надградба на мрежата се со цел подобрување на услугите кои ги даваат на сите граѓани“, кажа министерот Бектеши.

