19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИ цената на кромидот тера на плачење

И цената на кромидот тера на плачење

Зачестените врнежи ги намалија приносите и квалитетот, па затоа оваа година ќе има помалку кромид на пазарите во споредба со лани.

Сепак, земјоделците очекуваат да ги покријат производствените трошоци и да ја наплатат макотрпната работа, а тоа во пракса би значело дека на пазарските тезги нема да има кромид поевтин од 80-90 денари за килограм.

Милан Соколевски, земјоделец од Скопје, објаснува дека трошоците за производство се за најмалку 50 отсто повисоки од ланските, а како што посочува, тоа се должи на хемиските заштитни средства кои поради дождливото време производителите биле принудени да ги користат за третина повеќе од претходните години.

-Еден килограм кромид на големо чини 32 до 40 денари, а со таа цена очекуваме да ги покриеме производствените трошоци, иако приносите ќе бидат речиси преполовени во споредба со претходните години. Ако минатата година некој вадеше 80 до 100 тони кромид по хектар, годинава од есенската сеидба се очекува принос од 40 до 50 тони по хектар. А некои професионални земјоделци нема да извадат ни толку, па ќе бидат задоволни само со 20 до 30 тони кромид по хектар – вели Соколевски.

И економските експерти проценуваат дека кромидот и понатаму ќе биде скап особено поради лошата година.

-Нема да се намали цената ниту на увезениот кромид, бидејќи еден килограм увезен кромид, кој моментално го нема на македонските пазари, чинеше околу 60 денари по килограм. Македонија најчесто увезува кромид од соседна Србија, каде што исто така се преполовени приносите. Затоа, очекувано е цената на кромидот на нашите пазари да биде прилично висока, па не би ме чудело доколку за еден килограм кромид би плаќале и 100 денари – објаснуваат експертите.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП