Во топлата Грција, која важи за една од омилените летни туристички дестинации за Македонците, покрај сместувањето кое е поскапено за 20 до 30 проценти, скокнати се и ценита на храната.
Па така, омиленото гиро оваа година не може да се најде за помалку од 4 евра, а во шпицот на сезоната цената се очекува да достигне и 5 евра.
Растуреното гиро веќе се продава за 10 евра, а зголемени се и цените на прехранбените продукти во маркетите.
Во разговор со туристички агенции од Скопје дознаваме дека и аранжманите во Грција за ова лето се поскапени за 20 проценти.
-Најголем интерес и годинава има за Грција, но поради инфлацијата, цените за сместување не се исти како лани, туку се зголемени за 20 до 30 проценти. Цените за апартманско сместување во Грција сега се движат од 50 евра па нагоре, во зависност од точната дестинација. Од нашите колеги разбравме дека во сите делови на Грција е поскапена храната, па затоа ги советуваме нашите туристи да си стават в џеб уште некоја паричка – објаснува Марија К, вработена во една скопска туристичка агенција.
Кога сме кај храната во Грција, моменталната цена на основните намирници е идентична со цените во нашите маркети, а можно е да наидете и на некои продукти кои се поевтини од тука.
Оваа година, грчката Влада побара од големите синџири на супермаркети да ги намалат или да не ги зголемуваат цените на основната храна. Ова барање беше прифатено од повеќето супермаркети, кои направија листа на производи со ниски цени.
Па така, моменталната цена на обичниот леб со сусам изнесува 0,64 евра, на багетот 1,19 евра, на грчката пита 0,99 евра, килограм домати чини 1,79 евра, парче краставица 0,9 евра, килограм пилешко 2,69 евра, килограм мелено месо 8,78, пакување од 650 грама 4,39 евра, маслиново масло 5 литри – 29,35 евра, килограм јаболка 1,69 евра…
Кога станува збор за гирото, неговата цена во Грција се движи помеѓу 4 и 5 евра, литар свежо млеко е 1,12 евра, а цената на свежиот леб се движи од 1 евро, па нагоре.
Во зависност од видот, свежата риба е од 6 до 20 евра за килограм. Цената на топка сладолед се движи од 1,5 евра до 2,5 евра, во зависност од слаткарницата.
Минатата година, околу половина милион македонски граѓани ја посетиле Грција, со што земјава е на 11. место меѓу топ-15 земји со најголем број посетители во Грција, покажуваат податоците на Здружението на грчки туристички бизниси.
Б.З.М.