Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) продолжува со остварување отворени средби со претставниците на граѓанскиот сектор и институциите на локално ниво. Утре (6 јули 2023 година) можност за дискусија, како и мапирање на потенцијални системски проблеми со дискриминација ќе имаат граѓаните и активистите од граѓанските организации и претставниците на институциите во општина Гостивар и неговата околина.
„На наше големо задоволство, расте довербата на Комисијата кај граѓаните, што се забележува и преку зголемениот број претставки кои граѓаните ги поднесуваат за заштита од дискриминација. Тоа за нас претставува голема одговорност, но и дополнителна мотивација за натамошно ангажирање во насока на промовирање на еднаквоста, унапредување на човековите права и спречување и заштита од секаков вид дискриминација во нашата земја. Се трудиме и успеваме на сите претставки да одговориме во разумен рок и навистина ни е многу драго што јавноста тоа го препознава. Целта на овие средби е дополнително да ја унапредиме комуникацијата со граѓанскиот сектор и претставниците на локалната самоуправа околу нашите надлежности, начинот на кој постапуваме и одлучуваме и нивната улога во целиот тој процес, затоа што препознавањето и искоренувањето на сите облици на дискриминација е заедничка должност и обврска“, истакнуваат од КСЗД.

