2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВнимавајте во кое такси-возило се качувате – „дивјаците“ ги „дерат“ граѓаните!

Внимавајте во кое такси-возило се качувате – „дивјаците“ ги „дерат“ граѓаните!

Бројот на такси-превозници секојдневно станува сѐ помал и помал во главниот град, а главната причина за ваквата појава е неисплатливоста да се биде таксист во денешно време кога преовладува висока инфлација.

Цената на горивото е висока, даноците и фирмарината не се намалени, станува скапо да се изнајмува автомобил за такси-превоз, па речиси и да не останува за дневница за таксистот.

Па така, иако навидум изгледа дека такси има речиси на секој чекор, сепак, кога граѓаните ќе се обидат да повикаат такси, скоро никогаш не можат да пронајдат од првпат.

Одговорот на диспечерот најчесто гласи: „Извинете, ама немаме слободно возило“.

Од друга страна, пак, ова не е единствениот проблем со којшто се соочуваат граѓаните, но и такси-компаниите кои уредно си ја вршат својата дејност.

Имено, зад такси-таблите од компании регистрирани да вршат превоз честопати се кријат и диви таксисти кои дебело ги празнат паричниците на граѓаните, бидејќи наплатуваат двојно повеќе од оние таксисти кои работат по утврдениот ценовник на Град Скопје.

-Редовно се возам со такси, па честопати налетувам на диви и нелиценцирани таксисти. Секако, мојот избор секогаш се лиценцираните, но се случило некојпат да брзам за некаде и да влезам во „диво возило“. Не знам како да ви опишам, чувството не е баш најубаво. Таксистот обично молчи и пуши цигара, молчам и јас, а некој импровизиран таксиметар отчукува бројки што на крајот треба да претставуваат цена за услугата. Фискална сметка, секако, не постои. Обично не влегувам во конфликт со овие луѓе, бидејќи, искрено, се плашам – раскажува 35-годишната Даниела Поповска од скопската населба Ѓорче Петров.

Диви таксисти најчесто можат да се забележат како „демнат“ потенцијални муштерии во околината на Ист Гејт, Сити Мол, Сарај, Чаир…

Маки со ваквите диви таксисти си имаат и „питомите“ таксисти.

-Голем проблем е тоа, а не е ништо ново. Проблемот се провлекува со години, а никој не презема ништо. Зошто ние да плаќаме даноци, фирмарини и да плаќаме за такси-лиценци? Ние сме глупави, а тие „дивите“ се паметни, така? Постојано се жалиме кај градските власти оти „дивјаците“ ни го земаат лебот од устата, ама досега никој не се ангажирал да го реши овој проблем – раскажува Миле С, таксист од Скопје.

Во однос на тоа како се справуваат градските власти со проблемот со дивите таксисти, надлежните брифираат дека нивните инспектори се постојано излезени на терен и ги „ловат“ возилата без лиценца.

Во односна сузбивањето на т.н. диви таксисти, инспекторите за патен сообраќај вршат редовни контроли и инспекции за тоа дали такси-превозниците се придржуваат до одредбите и до правилата во согласност со одлуката за автотакси-превоз на патници на подрачјето на главниот град – брифираат од Град Скопје.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП