7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНи снемува камионџии – сите заминуваат во ЕУ за 3.000 евра месечно

Ни снемува камионџии – сите заминуваат во ЕУ за 3.000 евра месечно

Сѐ помалку и помалку професионални возачи на автобуси и на камиони има во Македонија, се жалат домашните компании кои со месеци маки мачат да вработат квалификувани кадри кои поседуваат Ц и Е категорија.

Првата причина поради ваквата состојба, коментираат засегнатите, е тоа што полагањето за Ц и Е категорија чини многу пари, а одзема и многу време, па не секој човек има можности и трпение да минува низ сето тоа.

Втората причина, според нив, е тоа што домашните компании и домашниот пазар не се ни споредуваат со странските компании и условите што им ги нудат странците на нашите возачи.

-Оние возачи коишто моментално се нудат на пазарот се повозрасни лица пред пензија, бидејќи целиот квалитет и младост ни замина во странство, особено во Германија и во скандинавските земји. Едноставно, не можеме ние да им го понудиме тоа што им го нудат странците. Платата за возач во Македонија е позната – едвај 1.000 евра месечно и плус некои бонуси. Но, бројките се сосема поинакви во Германија и во Шведска, на пример, каде што месечната плата на шоферите достигнува 3.000 евра па и повеќе – објаснува сопственик на компанија за камионски транспорт.

Минатата недела и Србија објави податок дека има потреба од дури 15.000 возачи, бидејќи и таму проблемот е во тоа што долго време се чека за да се полага за соодветната категорија, па за три години само 700 возачи успеале да положат за камион или за автобус.

Кадар за вработување сѐ помалку има и за домашните компании кои се занимаваат со автобуски градски или меѓуградски транспорт, бидејќи за возење автобус најпрво е потребно да се знае да се вози камион.

Денар разговараше со сопственик на градски приватни автобуси во Скопје, па како што објаснува нашиот соговорник, ретко кој сака да полага за автобус затоа што многу му е полесно да најде работа со возачка за камион.

-За да полага за автобус најпрво треба да положи за камион. Па за да дојде до посакуваната категорија, потребно е човекот да потроши многу пари. Погледнете само за Б категорија колку чини полагањето, а не, пак, за другите категории. Затоа, кога веќе ќе земат Ц категорија за автобус, луѓето почнуваат да бараат работа за камион и стануваат камионџии. Во шкрипец се, многу пари потрошиле и сакаат побрзо да си ги вратат. Јас потполно ги разбирам. Затоа е многу тешко да најдам работници. Имам два приватни автобуси, едниот го возам јас, а едниот го вози мој вработен. Што да правам, морам да возам – објаснува Зоран Милошевски од Топанско Поле.

Дека во земјава недостигаат професионални возачи покажуваат и огласите за вработување, преку кои се бараат возачи за домашни компании, но и за вработување во странство.

Како што дознаваме, фиксната плата што им се нуди на професионалните возачи на камиони во земјава изнесува од 45.000 до 90.000 денари.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП