Годишната инфлација во еврозоната во јуни е проценета на 5,5 отсто, објави денеска Евростат, статистичката агенција на Европската унија.
Во мај, инфлацијата на годишно ниво во еврозоната изнесуваше 6,1 отсто.
Најголем пораст на цените на годишно ниво е забележан кај храната, алкохолот и тутунот од 11,7 отсто, што е намалување во однос на мајските 12,5 отсто.

Растот на цените на индустриските производи е 5,5 отсто, а на услугите 5,4 отсто, а на енергенсите се намалуваат за 5,6 отсто.
Според прелиминарните проценки, базичната инфлација, без цените на храната и енергијата, изнесуваше 5,4 отсто во јуни во еврозоната.
Од 20-те членки на еврозоната, само Словачка имаше двоцифрена инфлација во јуни, од 11,3 отсто.
Инфлацијата е девет отсто во Естонија, 8,1 отсто во Латвија и 8,2 отсто во Литванија.
Најниска инфлација во јуни има Луксембург од еден процент, а Шпанија и Белгија по 1,6 отсто.