6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИ миењето автомобил станува луксуз – автопералниците во Скопје ги зголемија цените

И миењето автомобил станува луксуз – автопералниците во Скопје ги зголемија цените

Автопералниците во Скопје, особено оние коишто се наоѓаат во централното градско подрачје, ги зголемуваат цените на услугите.

Ако комплетното миење автомобил – однатре и однадвор – до пред неколку месеци чинеше 200-250 денари, сега цената на оваа услуга достигнува и до 400 денари.

Денар разговараше со сопственик на автопералница во Карпош, па тој вели дека зголемувањето на цените е резултат на целокупната инфлација, поскапувањето на електричната енергија, но и поради недостигот на работници.

-Муштериите се бунат кога ќе им ја кажеме цената, ама ако не им се допаѓа, тогаш нека си ја мијат колата пред зграда со црево. Не знам што друго да им кажам, кога и самите гледаат дека сѐ е поскапено. Како прво, ние плаќаме индустриска струја која исто така е драстично поскапена за разлика од порано. Плаќаме и за водата, плаќаме кирија која е зголемена за 100 евра за разлика од лани, а повеќе пари издвојуваме и за работниците. Никој не сака да работи само за основна плата и сите бараат дополнителен процент за секое измиено возило. Па така, ако платите 400 денари за миење на возилото, треба да знаете дека 50 денари автоматски одат во џебот на вработениот што ви ја миел колата. Нам ни остануваат само 350 денари од возило, а каде се сите останати трошоци што треба да ги покриеме – објаснува сопственикот на автопералницата.

Изјава земавме и од граѓани кои со нивното возило чекаа ред пред автопералницата.

-Скапо е, ама немам што да правам. Дома немам услови за да ја мијам колата, бидејќи живеам во зграда. Секако, ако порано ја миев колата скоро секоја недела, сега, поскапувањето ме натера да ја мијам еднаш до два пати месечно. Разбрав дека во руралните делови на Скопје овие услуги се поевтини и тамошните автопералници сѐ уште работат по стара цена – 200 до 250 денари, но тука ми е поблиску и попрактично, а и со години доаѓам во истава автопералница – изјави Бобан Стефковски од Козле.

Освен традиционалните автопералници, секако, во игра се и автоматските автопералници, но и таму цените се зголемени за 50 до 100 денари за разлика од минатата година.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП