22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛагард: Каматните стапки остануваат високи

Лагард: Каматните стапки остануваат високи

Претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард повика на „упорна“ акција на ЕЦБ за да се избегне зголемување на платите од 14 отсто во еврозоната до 2025 година, што би поттикнало висока инфлација.

Говорејќи на годишната конференција во Синтра, Португалија, Лагард истакна дека еврозоната е погодена од „преклопувачки инфлациски шокови од крајот на пандемијата“, пренесува Фајненшл тајмс.

Според неа, доколку компаниите задржат четвртина од изгубената профитна маржа поради зголемените трошоци за работна сила, што ЕЦБ го очекува во наредните години, таа би ја задржала инфлацијата на околу три проценти во 2025 година. „Иако во моментов не гледаме спирала на платите и цените, колку подолго инфлацијата останува над целта (до два проценти), таквите ризици стануваат поголеми“, рече Лагард.

Бидејќи инфлацијата во еврозоната влезе во нова фаза која би можела да трае одредено време, ЕЦБ ќе мора да ја задржи својата строга монетарна политика на зголемување на каматните стапки.

„Малку е веројатно дека во блиска иднина ЕЦБ ќе може со целосна доверба да изјави дека се достигнати максималните каматни стапки“, рече претседателката на ЕЦБ, пренесе Ројтерс.

Централната банка на еврозоната ги зголемуваше каматните стапки на секој состанок во изминатата година, зголемувајќи ја стапката на депозитите на 3,5 отсто и најавувајќи дополнително заострување на политиката со цел да се спречи инфлацијата. Релативно брзиот раст на платите сега создава инфлациски притисок, бидејќи вработените се обидуваат да ги заменат платите изедени од инфлацијата, процес засилен со понизок од очекуваниот раст на продуктивноста.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП