2 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАКивнал два пати, веднаш пие апче - антибиотиците не се бонбончиња за...

Кивнал два пати, веднаш пие апче – антибиотиците не се бонбончиња за секој ден!

Три до четири проценти од вкупното население во Македонија секојдневно користи антибиотици, а дури половина од оваа група на луѓе ги купуваат антибиотиците на своја рака, без рецепт.

Преку аптеките, како што неофицијално дознаваме, се трошат околу 1,8 милиони рецепти за антибиотици.

Сепак, точниот број на пациенти што веќе се резистентни на антибиотици не е утврден затоа што, како што објаснуваат микробиолозите, државата штеди на проби и на материјали.

Нашата земја, според експертите, е во групата региони каде што потрошувачката на антибиотици во последните 30 години била исклучително висока поради воспоставената практика при речиси секое одење на лекар да се добива антибиотик, па дури и за најобична настинка. По ново, и за најобична корона.

Експертите признаваат дека нивните колеги – матични лекари, многу често припишуваат антибиотици и не ги почитуваат протоколите.

-Вината ја гледам најпрво кај матичните лекари кои премногу лесно и премногу често им припишуваат антибиотици на пациентите. А друга работа е глупавата навика кај самите граѓани секогаш покрај себе да имаат антибиотик „за секој случај“. Лекувањето треба да биде симптоматско, бидејќи вирусите не се лекуваат со антибиотици. Тоа барем го научивме од пандемијата со коронавирусот. Антибиотиците не се бонбончиња. Најважна е едукацијата на луѓето, особено на родителите, бидејќи тие треба да се свесни за штетните последици од користењето антибиотици– објаснува педијатар од Скопје, кој сакаше да остане анонимен.

На ниво на ЕУ, на пример, околу 33.000 луѓе годишно умираат поради неможност да се излечат од инфекција со отпорни бактерии, што е нешто повеќе од оние што умираат во сообраќајни несреќи.
Токму затоа, Европа во вторникот го вклучи алармот.

Министрите за здравство на земјите-членки на ЕУ на состанокот во Луксембург усвоија препорака за намалување на потрошувачката на антимикробни лекови, меѓу другото и намалување на потрошувачката на антибиотици за 20 отсто од 2030 година.

-Не можеме да ја игнорираме смртоносната закана што микроорганизмите отпорни на лекови ја претставуваат по здравјето на луѓето. Борбата против антимикробната резистенција беше клучен приоритет на шведското претседателство, а денешната препорака им дава на земјите на ЕУ алатки за следење и намалување на потрошувачката на антимикробни средства – истакна шведскиот министер за социјални работи и јавно здравје, Јакоб Форсмед.

Антимикробните средства се лекови од критична важност. Сепак, поради нивната прекумерна употреба и злоупотреба со текот на годините, антимикробната резистенција е зголемена, што значи дека антимикробните средства ја губат својата ефикасност, што го прави сѐ потешко или невозможно лекувањето на инфекциите.

Здравството е во надлежност на земјите-членки, затоа Советот на ЕУ не може да носи обврзувачки регулативи туку препораки кон земјите-членки да можат да ги спроведуваат на доброволна основа.
Препораката е фокусирана на превенција и контрола на инфекции, надзор и мониторинг, иновации и достапност на ефективни антимикробни средства, претпазлива употреба и соработка меѓу земјите-членки и на глобално ниво.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП